Беи Дао го претстави своето творештво во црквата „Света Софија во Охрид

Добитникот на „Златниот венец“ на 54. Струшки вечери на поезијата кинескиот поет Беи Дао, синоќа имаше свое претставување во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Говорејќи за неговото минато, пред присутните во храмот, тој истакна дека животот си го гледа низ долг и темен тунел, на чиј крај е неговото детство.

„Бегање од часови уште од мала возраст, читање, фаќање штурци и медитации во глад. Пекинг е градот каде сум роден и израснат. Културната Револуција изби во 1966 година, војната кога имав само 17 години. Ниту основно училиште не завршив, и се упатив кон варварскиот плоштад. Кога навлегов во младешките години, семето на поезијата, расеано среде билје и бетон, растеше бујно“, рече Беи Дао.

Историјата, според него, мора да се движи напред. Денешните школи произлегле од некогашното подземје, и сега испишуваат нова книга од современата кинеска книжевна историја.

„Годината 1989 беше клучна пресвртна точка во светската историја. Животот ме одведе далеку од дома, живеев еден лутачки живот. Во Осло во 1990 година, заедно со пријателите продолживме со издавање на списанието „Денес“. Како капетан кој плови некоја стара и позната мисија, пловевме спроти струјата на поплавата на глобализацијата.“– рече Беи Дао.

За него поезијата не е логика или игра на зборови, туку е камен, кој кога ќе го удриш неколку пати ќе даде искра. Потсети на неговото учество пред 12 години, кога „Златниот венец“ го доби Томас Транстромер.

Годинашниот лауреат на СВП изрази благодарност до неговите присутни колеги и фестивалскиот совет, но и до сите од меѓународната поетска традиција.

За поетската уметност на Беи Дао напишани се бројни студии и критики кои користејќи разни приоди се обиделе да ги определат клучните елементи на неговата поетика. Беи Дао е наjистакнатиот кинески поет од својата генерација, еден од главните писатели на модерна Кина. Се родил под името Жао Женкаи на 2 август 1949 во Пекинг, а неговиот псевдоним Бео Дао буквално значи „Северен остров“.Беи Дао стана еден од најважните поети на Загадочната школа, група на кинески поети кои реагирале против ограничувањата на културната револуција.

По неговото претставување, музички настап имаше харфистката Мерсиха Шукри.

Учесниците на 54. Струшки вечери на поезијата, претходно имаа можност да разгледаат дел од културно-историските споменици во Охрид и да читаат поезија на Плоштадот пред споменикот на „Свети Климент“.