Запленети 50.000 евра, гасен пиштол, семки од марихуана, техничка стока и фалсификати

Царинските службеници од граничниот премин Табановце автопат спречија обид за нелегално изнесување од државата на 40.000 евра.

Денес (31.08.2015), десетина минути по полноќ, на граничниот премин Табановце автопат, за излез од државата се пријавил германски државјанин, управувајќи германски автомобил. При контрола на возилото, во рачна ташна сместена на совозачкото седиште, била пронајдена хартиена кеса со 50.000 евра за кои возачот не поседувал документи за потекло, ниту потврда за пријавени девизи при влез во државата. Согласно законските прописи на возачот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од Република Македонија, а остатокот е привремено задржан и против прекршителот е поведена прекршочна постапка.Во текот на минатата недела откриени се уште два случаи на нелегално внесување на готови пари во државата, при што се задржани 6.700 евра и 3.900 британски фунти.

 Во првиот случај, на граничниот премин Богородица, при личен претрес на грчки државјанин кој со грчки автомобил се пријавил за влез во државата, во предниот џеб од панталоните на патникот биле пронајдени 16.700 евра. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 6.700 евра се привремено задржани.

Во вториот случај, на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на британски државјанин, кој допатувал со лет од Лондон, во џебовите на патникот и во мала ташничка биле пронајдени 11.270 британски фунти. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 7.370 фунти, противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во Република Македонија, а 3.900 фунти биле задржани.
Во двата случаи против прекршителите ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Покрај тоа во текот на минатата недела е откриена една царинска измама и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани гасен пиштол и муниција, семки од марихуана, енергетски напитоци, технички производи, облека и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Пиштол и муниција

– 1 гасен пиштол марка EKOL mod.2005 Aras Magnum и 5 парчиња муниција со калибар 9mm, од кои 3 марка PG, 1 марка Pobjeda и 1 марка GOP, откриени при контрола на српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот пиштол и муницијата се пронајдени во кабината на возилото, под душекот на долниот кревет.
Оружјето и муницијата се привремено одземени, а против прекршителот е поведена соодветна постапка.

Семки од марихуана

– 21 семка од марихуана, откриени на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на пратка од Холандија, наменета за физичко лице од Скопје кое пратката ја нарачало преку интернет. Семките биле предадени на Одделението за истраги, кое по превземените предистражни мерки и активности, против осомничениот поднесе кривична пријава за сторено кривично дело ,,Неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги психотропни супстанци и прекурсори“ до надлежното Основно јавно обвинителство.

Енергетски напиток

– 576 лименки од 250ml (144 литри) енергетски напиток Red Bull, откриени од страна на царинските инспектори од Одделението за истраги, при контрола на магацин со складирана стока сопственост на правно лице од Куманово.

На лименките од енергетскиот напиток немало декларација за составот на производот на македонски јазик, а составот на производот на дел од лименките бил напишан на унгарски, а на останатиот дел на српски јазик. На најлонската обвивка на пакетите на напитокот биле залепени етикети со ознаки RS и HU, што укажа дека стоката била наменета за пазарот во Република Србија и Република Унгарија. Сопственикот на правното лице во моментот на контрола не презентирал никакви документи од кои би се утврдило потеклото на стоката, односно дека за истата е спроведена царинска постапка и се платени увозните давачки.

Поради постоење на основано сомнение дека станува збор за криумчарена стока, стоката е привремено одземена, а против правното лице и одговорното лице во правното лице Царинската управа на Република Македонија ќе поднесе прекршочна пријава.

Техничка стока
– 208 технички производи (паметни часовници Smart Watch Simex, Simex Power Bank Energy box, полначи за во автомобили, USB кабли и полначи на 220 V, слушалки, селфи стапови и амбалажи за USB), откриени при контрола на босански автомобил, управуван од турски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи се пронајдени во патнички куфер, сместен во багажникот на возилото.
Стоката е привремено одземена, а против прекршителот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 2 машини за изработка на фотографии марката FUJIFILM, откриени од страна на царински инспектори од Одделението за истраги при Царинската управа, при контрола во неколку регистрирани Фото-студија на подрачјето на град Скопје кои користат машини за изработка на фотографии. Сопствениците не поседувале никаква документација за претходно спроведена царинска постапка и наплатени увозни царински давачки за машините, поради што истите се привремено задржани, а против прекршителите ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава.

– 243 LED светилки, 150 метри LED ленти и 226 делови за LED осветлување (трансформатори, тело за LED светилки и фасонки), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на косовски државјанин кој допатувал со лет од Дубаи.
Стоката е привремено задржана а против сторителот е поведена прекршочна постапка.

– 1 телевизор марка SHARPLC 60 UQ 10e, откриен при контрола на германски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Телевизорот бил пронајден позади возачкото седиште, покриен со облека и други предмети.
Стоката е привремено одземена и против сторителот поведена соодветна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелктуална сопственост

– 1 мобилен телефон со ознаки на заштитена трговска марка, откриен на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на пратка од Сингапур, наменета за физичко лице од Скопје.

– 35 пара патики со ознаки на заштитена трговска марка, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус што сообраќал на релација Нови Пазар – Скопје, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Сомнителните патики, сопственост на возачот, се пронајдени во багажникот на автобусот.

Во двата случаи, поради основано сомневање дека претставуваат фалсификати на заштитени трговски марки, производите се привремено задржани, а согласно одредбите од Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост, ќе биде започната постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Останато

– 2.030 профили и држачи за профили, откриени при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Кавадарци, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Кавадарци. Стоката е привремено одземена, а против правното лице и одговорното лице во правното лице ќе биде поведена соодветна постапка.

– 51 пара фармерки, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Фармерките се пронајдени во багажниот простор, во патните торби на возачот, помеѓу неговите лични работи.
Непријавените производи се привремено задржани, а против сторителот е поведена соодветна постапка.

Измама

Службата за надзор на иматели на одобренија при царинарница Штип откри обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со фиктивно раздолжување на претходно привремено увезена стока.
При теренска контрола на фирма од Кочани, имателт на одобрение за увоз за облагородување, констатирано е дека нормативите доставени до надзорниот царински орган се неточни, при што во контролираните работни налози до надзорниот царински орган е прикажан поголем норматив од реалниот.

Со неточно прикажан норматив за контролираните работни налози како и неточни податоци во прилозите за дополнително доставување на норматив до надзорниот царински орган, имателот на одобрение фиктивно раздолжил околу 1.391 метри квадратни ткаенина, од кои 335 метри квадратни ткаенина се пронајдени и привремено задржани додека остатокот не е пронајден. Натој начин правното лице избегнало плаќање на увозни давачки во износ од околу 34 илјади денари, за што ќе биде изготвен предлог за дополнителна наплата на увозни давачки, а за сторениот прекршок е изготвен записник и ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.