„Прекината Одисеја“ е работниот наслов на театарскиот копродукциски проект меѓу МНТ и театарот „Хелена Моджевска“ од Легнице, кој е еден од петте најзначајни театри во Полска. Режисер е Јацек Гломб, а драматурзи се Загорка Поп Антова Андоновска и Роберт Урбански.
„Во претствата ќе играат 15-тина актери од Македонија и исто толку од Полска. Ова е многу значајна претстава за егзодусот на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Претствата се планира да биде завршена следната година, а ќе имаме можност да ја понудиме во рамки на манифестацијата „Вроцлав-европска престолнина на културата за 2016 година“, покрај другите проекти што ќе бидат предложени од Македонија“, рече Канческа-Милевска. Таа очекува проектот да има голем успех.
Според неа, овој проект може да биде претставуван и пошироко бидејќи, како што рече, тематиката не поврзува со голем број европски држави.
Министерката за култура присуствуваше на читачка проба од претставата „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков, во режија на Иван Поповски, која е во годишната програма на МНТ. Претставата интензивно се подготвува, а премиерата се очекува да биде во втората половина на октомври.
„МНТ има одлична програма за оваа година. Не очекува и премиерата на „Чикаго“, првиот лиценциран мјузикал во Македонија, како и други претстави. Од отворањето на театарот, за неполна година ипол имаме одлични резултати, огромна посетеност, изведени се над 350 претстави и 11 премиери“, рече Канческа-Милевска. Потсети дека ја поддржуваат театарската дејност и додае оти во МНТ се одржува и Меѓународниот театарски фестивал.
Режисерот Гломб оцени дека проектот е многу интересен бидејќи го работат двајца драматурзи, македонски и полски, кои ќе ги изнесат своите различни погледи на светот. Додаде дека често подготвуваат претстави кои говорат за проблемите на локалното население во Легнице и околу.
„Театарот кога се работи чесно е медиум што секогаш ги поврзува луѓето, а не ги дели. Иако нашите погледи честопати се разликуваат и во времето и во просторот, верувам дека претставта ќе овозможи да ги приближиме и најдеме заеднички основи на таа приказна што ќе ја правиме“, рече Гломб. Додаде дека овој проект ја доби поддршката на македонското и на полското министерство за култура.
Загорка Поп Антова Андоновска смета дека ова е исклучително значаен театарски проект, копродукција меѓу два града, две држави кои се директно инволвирани во приказната на македонските деца бегалци.
„Оваа копродукција ќе направи еден нов препрочит на историјата, што е исклучително важно. Да се потсетуваме низ една позитивна перспектива на нештата и да ја потенцираме блаконаклоноста на полската држава и сесрдноста со која се пречекани и прифатени таму децата бегалци. Структурата на текстот е од два автори, од два дела, а на крајот сепак тоа ќе биде заедничко дело“, потенцира Поп Антова Андоновска.
Според полскиот драматург Урбански се работи за една прекрасна приказна, за тоа како можеме заемно да си помогнеме, па дури и во најтешки ситауции.
„Тоа е приказна за тоа како си подадовме рака во најтешките моменти, кога си требавме едни на други и за тоа дека доброто е возможно на овој свет. Светот не е токлу лош како што ние понекогаш мислиме“, рече Урбански.