Вчера во периодот од 12 до 16 часот во заедничка и координирана контрола извршена од страна на овластени лица на Државиот инспекторат за земјоделство Подрачна единица Охрид и униформиран полициски службеник при Полициската Станица за Граничен Надзор Охридско Езеро од водите на Охридско Езеро во близина на Македонско-Албанската граница затекнат е недозволен риболовен алат за лов на охридска пастрмка претходно поставен од рибари од Република Албанија.
Од водите на Охридското Езеро при надзорот извадени се околу 300 метри рибарски мрежи поставени за лов на охридска пастрмка со димензии на окца од 22 до 24 мм (од јазол до јазол). Во мрежите затекнати се 20 парчиња од охридска пастрмка – стрфови (маломерни парчиња од охридска пастрмка) во вкупна количина од 3 кг, односно со просечна тежина од 150 грама по парче!
Одземениот риболовен алат е недозволено риболовно средство согласно Правилникот за дозволени риболовни средства при вршење на стопански и рекреативен риболов, додека одземените парчиња на охридска пастрмка се со димензии помали од дозволените големини согласно Правилникот за големината на рибите под која не смеат да се ловат за стопански и рекреативен риболов!
Како резултат на зголемениот број на заеднички контроли на овластени лица на Државниот инспекторат за земјоделство П.Е Охрид со УПС од П.С за Г.Н Охридско Езеро и УПС при СВР Охрид во изминатите 8 месеци од 2015 год на риболовното подрачје Охридско Езеро, но и на останатите рекреативни зони и риболовни ревири од Југо-Западниот плански регион откриени се за 43 % повеќе прекршители по Законот за рибарство и аквакултура споредбено со минатата година.
Надзорите на овластените лица на Државниот инспекторат за земјоделство П.Е Охрид во соработка со УПС од П.С за Г.Н Охридско Езеро и УПС од СВР Охрид ќе продолжат и во наредниот период, за што укажуваат на потребата за доследно примена на Законот за рибарство и аквакултура и подзаконските акти од истиот од страна на сите чинители вклучени во риболовот на риболовното подрачје Охридско Езеро, но и на останатите рекреативни зони и риболовни ревири од Југо-Западниот плански регион.