Лазар Лечиќ, македонската кошаркарска легенда, е добитник на државната награда „8 Септември“ за животно дело за 2015 година во областа на спортот. Останати добитници, на државната награда „8 Септември“ се алпинистот Здравко Дејановиќ, Димче Кичевски, доајен во карате, кој е одликуван постхумно, Руждија Калач успешен боксер, тренер и селектор, како и Љупчо Стојчевски тренер, селектор и меѓународен судија во кик бокс.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасоски на доделувањето на високото државно признание во Собранието на Република Македонија истакна дека на овој голем дел каков што е денешниот се оддава признание на луѓе кои преку спортот на најдобар можен начин ја промовираат нашата држава на меѓународен план.
„Определбата на Владата на Република Македонија вистински да го поддржува спортот како масовниот, така и врвниот спорт веќе ги дава очекуваните резултати. За спортистите се утврдени можности на вреднување на нивните резултати и преку категоризација овозможивме целосна финансиска поддршка и стимулација за остварување на врвни спортски резултати. За младите и талентирани спортисти ја обезбедивме стипендијата „Спортска надеж“, а Владата направи историски исчекор со воведувањето на националното спортско признание за спортистите со кое доживотно материјално се обезбедуваат врз основа на остварен спортски резултат“, – рече Спасоски.
Но, додаде тој, приказната не е целосна бидејќи понекогаш оние луѓе кои се во сенка најмногу придонесуваат за спортските успеси.
„Со државната награда „8 Септември“ се обезбеди и вреднување на тренерите, спортските работници, медицинскиот персонал и спортските новинари, луѓето кои не се помалку значајни од спортските актери на теренот. Овогодинешните добитници на наградата со тоа што го сторија и прават за својата земја ја заслужија честа да бидат оние кои на најмладите генерации спортисти кои на европските и светски борилишта треба да го бранат македонскиот дигнитет ќе им го пренесат чувството на вредност на спортскиот пиедестал во насока на афирмација на својата земја“, – рече Спасовски.
Носителите на овогодинешните признанија видно возбудени се заблагодарија за државната награда како признание кое најголем дел од нив го чувствуваат и како признание за нивните најблиски, за спортските федерации од каде доаѓаат, како и признание за спортските институции.
„Ова е дело на 50-годишна работа во која вградени се од играчите до навивачите. Дадов многу за Македонија, а таа ми се реваншираше“, – изјави Лечиќ, великанот на македонската кошарка кој важи за врвен тренер, стратег и педагог со богата интернационална кариера и со значајни успеси на меѓународни натпреварувања.
Државната награда „8 Септември“ во областа на спортот е воведена пред четири години со која се валоризира вредноста и искажува благодарноста кон сите кои преку спортот успеаја да ја промовираат Македонија.