Иванов: ЕУ на Балканот е се уште идеја со огромна трансформирачка моќ

Европската идеја покрај се што се случува на Балканот е се уште идеја со огромна трансформирачка моќ. Не постои друга идеја на Балканот која може да ги принуди балканските земји доброволно да се менуваат, истакна денеска претседателот Ѓорге Иванов на 25. Европски форум во Круница Здруј, Република Полска, на сесијата на тема „Кон флексибилна Европа: Стратегии за иднината”.

Во услови на криза, како што рече претседателот Иванов, Европската унија не функционира затоа што не може да носи одлуки. – Во криза кога не можете да носите одлуки, тогаш кризата се зголемува и се предизвикуваат многу штети, додаде претседателот Иванов.

„Ние како и другите земји на Балканот ја сакаме Европа, не во овој момент да стигнеме до неа, туку да патуваме кон неа. Повеќе ни е поважен патот кон неа, отколку самото членство во неа, затоа што сите европски стандарди и принципи се усвојуваат кога почнуваат преговорите. Поглавје по поглавје како земја се европеизирате. Тоа ни треба на сите балкански земји да се европеизираме, да имаме европски стандарди, критериуми и принципи“, рече претседателот Иванов.

Покажавме, истакна македонскиот претседател, дека и во услови на најголема економска криза Македонија може да се справи економски, дури бевме и единствена земја која има највисок економски раст за време на економската криза.

Една од темите на сесијата, на која учествуваа и полскиот претседател Анджеј Дуда и хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ беше и мигрантската криза. Говорејќи на оваа тема, претседателот Иванов посочи дека администрацијата и полицијата во Македонија секој месец троши над милион евра за да обезбеди вода, храна и заштита на мигрантите, и додаде дека од ЕУ досега имаме добиено 90 илјади евра.

Според претседателот Иванов, поучна за овој период е мислата на Бенџамин Френклин кој кажал „Ќе се држиме заедно или ќе висиме одделно”. – Тоа се случува сега себичноста создава сосема поинаква претстава за другиот, како и сосема поинакви претстави и за исламот и за бегалците и за мигрантите, истакна претседателот Иванов.

Како луѓе кои живееме на континентот Европа, нагласи претседателот Иванов, треба да знаеме дека најголемата потврда дека ЕУ ја заслужи Нобеловата награда за мир се токму бегалците. – Секој од нив вели дека доаѓа во Европа токму поради мир, нагласи македонскиот претседател.

Претседателите на Полска и Хрватска на панелот меѓу другото истакнаа дека мора да продолжи проширувањето на ЕУ, затоа што тоа според нив, ќе ја зајакне Европа на економско ниво.

Претседателот Иванов , во рамки на средбата, ќе има билатерална средба со полскиот колега Анджеј Дуда, на која се очекува да се отворат теми за билатералните односи меѓу двете земји, за соработката во сферата на одбраната и безбедноста, за економската и образовната соработка, како и за претстојниот Самит на НАТО во 2016 година во Полска, во контекст на можностите за деблокирање на членството на Македонија, како и за состојбите во ЈИЕ и мигрантската криза.

По повод Денот на независноста на Република Македонија во Круница Здруј ќе биде организирана Македонска вечер на која ќе бидат презентирани можностите за инвестирање во Македонија.
Шефот на македонската држава утре ќе учествува на Форумот на млади лидери на сесијата „Лидери на утрешнината – Какви лидери и се потребни на Европа во 21 век”.

Во фокусот на годинешниот економски форум е економската и политичката ситуација во Европа и во светот, енергетската безбедност и иновациите.

Економскиот форум, кој оваа година се одржува 25. пат, претставува најголема и најреномирана конференција во Централна и Источна Европа со фокус на економијата и политиката во овој дел од континентот. Целта на оваа иницијатива е да се создаде поволна клима за разој на политичката и економската соработка во Европа.

ZDRUJ_POLSKA_01