„Првиот приоритет денес е справувањето со бегалската криза”, истакна претседателот на Европската комисија, г. Жан-Клод Јункер, во текот на дебатата на пленарната седница на Европскиот парламент, која се одржува од 7 до 10 септември во Стразбур.
„Тоа е прашање на човештвото и човековото достоинство и за Европа работа на историска праведност. Ние се бориме против исламската држава, зошто тогаш не сме подготвени да ги прифатиме тие луѓе кои бегаат од тој конфликт?“, дополни првиот човек на Еврокомисијата во продолжението на својот говор во куќата на европската демократија.
И претседателот на Европскиот парламент, г. Мартин Шулц, беше дециден: „ЕУ се соочува со миграцијата, економската криза и војните во нејзиното соседство. Треба да придонесеме за решавање на овие предизвици“.
Европратениците го повторија повикот за акција во врска со бегалската криза, дебатирајќи за постојаната шема за распределување на барателите на азил во ЕУ.
На дневен ред на седницата, уште е гласањето за забрана за клонирање на животни, ратификување на договорот за олеснување на светската трговија, потоа расправата за позицијата на Советот за буџетот на ЕУ за 2016 година, како и отворањето работни места: поттикнување на социјалното претприемништво и конкурентен пазар на труд во ЕУ.
Исто така, во дебата со европскиот комесар за надворешна политика и безбедност, г-ѓа Федерика Могерини, ќе стане збор за делувањата на Блискиот Исток, Иран и Белорусија.