Иванов: Европските општества ги очекува мултиетничка, мултирелигиска и мултијазична иднина

Во рамки на посетата на Република Полска и учеството на 25. Економски форум, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Нови Саџ се обрати на Форумот за млади лидери на сесијата насловена: „Лидери на утрешнината – Какви лидери и се потребни на Европа во 21от век?”.

Говорејќи за предизвиците со кои се соочуваат лидерите на новото време во Европа, претседателот Иванов констатираше дека живееме во свет кој многу брзо се менува и во кој многу знаења брзо застаруваат. Поради тоа, рече претседателот Иванов, потребни се решенија кои излегуваат од познатите шаблони.

Македонскиот претседател изрази очекување дека членството во Европската унија ќе влијае за европеизација на балканското лидерство.

Истовремено, претседателот Иванов рече дека верува во Европа обединета не во униформноста, туку во почитување и прифаќање на различноста.

„Европските општества ги очекува мултиетничка, мултирелигиска и мултијазична иднина”, истакна македонскиот претседател.

forum2

Пред учесниците на форумот, претседателот Иванов ја претстави Меѓународната Школа за млади лидери, што по негова лична инцијатива веќе шест години по ред се одржува во Охрид.

Претседателот Иванов изрази задоволство за учеството на Форумот од страна на младите претставници од Република Македонија, и упати честититки до претставниците на старт-ап компанијата „Hitlancer.com – фриленс платформа”, кои учествуваат на сегментот „Get Inspired Fest”, со цел претставување на нивната компанија, како и прибирање на дополнителни финансиски средства и вмрежување со останати слични компании.

Со учеството на форумот за млади лидери, претседателот Иванов ја заокружи дводневната работна посета на Република Полска, каде што учествуваше на 25. Економски форум во градот Криница Здруј и имаше обраќање на сесијата „Кон флексибилна Европа – Стратегии за иднината”, заедно со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда и претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар – Китаровиќ. Исто така, претседателот Иванов оствари билатерална средба со полскиот претседател Дуда.

forum1