Четири нови случаи на оштетување возила во Грција

Изминатиов период, граничната полиција евидентираше неколку случаи на оштетување возила на македонски државјанин кој летувале во Р.Грција.

Станува збор за четири случаи пријавени на граничниот премин „Богородица“ во периодот од 28.08. до 08.09.2015 година, каде што на најразличен начин се оштетени четири возила, а станува збор за ПМВ марка „Chevrolet“ со скопски регистарски ознаки, управувано од лицето З.И. во местото Ксарти, со црн и црвен спреј му била обоена шофершајбната и двете регистарски таблички, ПМВ марка „Ford“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од лицето Д.С. во местото Паралија, со црн спреј му биле испрскани регистарските таблици во делот на ознаката МК како и дел од предниот и задниот браник покрај таблиците при што е прекриена ознаката „МК“, ПМВ „Citroen C4“ со охридски регистарски ознаки, управувано од лицето Г.С. во местото Калитеа, со остар предмет му биле изгребани двете страни од преден до заден фар и бил оштетен знакот „МК“ на задната страна и ПМВ марка „VW Passat“ со кочански регистарски ознаки, управувано од З.З. во местото Ставрос, на хаубата со остар предмет му било изгравирано „МК=GR“. Освен оштетувањето на ПМВ „Citroen C4“ во Калитеа, останатите случаи не биле пријавени во грчката полиција.

Со овие четири нови случаи, билансот на оштетени возила на македонски државјани кои летувале во Грција се искачи на 10, а евидентиран е и еден случај на кражба на регистарски ознаки.