Нови 30 тома од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ беа промовирани денеска и со нив вкупниот број на преведени и отпечатени наслови достигна 472. Проектот почна да се реализира пред четири години и во план е да заврши до крајот на годинава до кога треба да бидат објавени сите планирани 560 наслови.
Промовираните изданија се од различни периоди – од пред нашата ера, како „Ши Џинг“ – најстара збирка на кинески песни, и драмите на Софокле, до дела од современи автори и на великани на книжевноста, како Хемингвеј и Толстој. Објавени се и дела од Чеслав Милош, Музил, Хамваш, Рилке, Шилер…, а некои од новите наслови првпат се појавуваат на македонски јазик, како романот „Том Џонс“ (трет том) на Хенри Филдинг и избор песни од современата карипска поезија.
Претставувајќи ги новообјавените наслови, премиерот Никола Груевски истакна дека сите тие имаат исклучително значење и влијание врз литературата.
„Оваа 12-та промоција на едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ нека не потсети дека писменоста е благослов кој го овозможува човековиот напредок. Ние како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме овие проекти кои значат збогатување на севкупниот културолошки фонд на Република Македонија. Искрено верувам дека нашиот труд и заложба за развој на домашното издаваштво ќе наидат на позитивен прием кај граѓаните кои ќе ја искористат оваа прилика да ги збогатат своите хоризонти со читањето на овие маестрални дела“, рече претседателот на Владата.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека преведените дела се исклучителна придобивка за сите генерации, особено за младите и за нивната едукација.
„Бидејќи преку овие книжевни оствaрувања тие добиваат можност да ги осознаат врвните вредности на современите класици, познатите бестселери, мемоарите, избраните дела, наградените дела на познатите добитници на светските признанија, вредностите на наследеното светско книжевно богатство… Придобивките од овој проект се далекусежни бидејќи посочуваат еден поинаков пристап кон јазичната, книжевната и издавачката материја“, рече министерката за култура.
Ратко Дуев, член на стручната редакција на едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, меѓу другото, подвлече дека многу јазици од светот со овој проект се преточени во еден јазик – македонскиот и дека со новите 30 тома пред читателите се нови три милиони зборови.
„Преку овој проект добиваме една голема база која не само што ја збогатува нашата лексикографија, туку претставува своевидна печатена и дигитална база која понатаму може да послужи за многу еднојазични и двојазични речници, правописен речник, дигитални речници и бази, енциклопедии, всушност зацврстување на темелот на нашиот јазик, доказ за неговиот идентитет добиени со добивањето на авторските права за превод од сите светски јазици на вредните дела на светската книжевност“, рече Дуев, претставник на стручната редакција.