Утре голема крводарителска акција „Охрид спасува животи“

Во рамките на своите активности за обезбедување на доволни количества крв и крвни продукти за потребите на пациентите во здравствените установи во Охрид, Црвен крст Охрид во соработка со Општина Охрид организира голема крводарителска акција, која под мотото „ОХРИД СПАСУВА ЖИВОТИ” ќе се реализира утре од 10-15 ч. во Центарот за култура „Григор Прличев”, Охрид.

Се покануваат сите хумани сограѓани да ја покажат својата хуманост и даруваат крв.

Во рамки на овој настан на градскиот плоштад „Св.Климент Охридски” ќе биде одбележен и Светскиот ден на прва помош, 12 септември, со бројни активности и презентации на тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид. Посетителите на овој настан ќе имаат единствена можност од инструкторите и едукаторите по прва помош на Црвен крст Охрид да добијат совети и практични обуки со вештините за укажување на прва помош во најразлични ситуации.

Заедничките активности од делот на здравствената превенција со Здружението за борба против мозочен удар „Мозочен удар”, Црвен крст Охрид ги продолжува во сабота, 12 септември, со отворен ден за сите прашања поврзани со мозочниот удар. На градскиот плоштад од 11-14 ч. стручни лица од Здружението за борба против мозочен удар, невролог, интернист, физијатар, нутриционист ќе даваат корисни совети за превенција и заштита од мозочен удар. Сите заинтересирани ќе можат да извршат проценка на ризик факторите за мозочен удар преку мерење на соодветни параметри (крвен притисок, гликемија во крвта, ЕКГ).