Во врска со денешната прес-конференија реакција испрати Општина Охрид, во која се вели:
„Продолжува дезорганизираното и дезориентираното однесување на ОО на СДСМ од Охрид. Онака како што предвидовме – секој убав настан, кога локалната самоуправа и градоначалникот Бакрачески промовираат ново изградени плоштади, улици или отпочнување на градежни активности за целосна и темелна обнова на Охрид, СДСМ Охрид се обидува тоа да го засени со бледи и целосно неаргументирани прес конференции. Им кажавме и тогаш, а и денес, тоа кај граѓаните не поминува.
Ако од СДСМ Охрид, барем за миг се заинтересираа за потребите на граѓаните од Лакочереј и поразговараа со нив, ќе знаеја дека со претходно барање на Советот на месната заедница, градежниот шут е депониран привремено во Лакочереј и ќе биде употребен согласно потребите на жителите од ова населено место. Веќе е договорено за утре, 13 септември со почеток во 10 часот да започне акција во која ќе учествуваат сите жители на селото, без разлика на партиската припадност, во подигнување на шутот, а истиот ќе биде искористен како тампон за одредени помали улички и пристапните патишта кои водат до нивите и обработливото земјиште на жителите од Лакочереј.
Градоначалникот Бакрачески и локалната самоуправа секогаш се подготвени да го почитуваат барањата на граѓаните на Охрид, дотолку повеќе, што во овој случај се работи за организирана активност со месното население.
На СДСМ Охрид, им препорачуваме повеќе да ги слушаат граѓаните и нивните барања, а помалку да брзаат со неорганизирани и без ефекти прес конференции, на кои како и многупати досега и денес ја промашија целта.“- стои во реакцијата.