Министерството за транспорт и врски информира дека за периодот јануари-август на двата аеродроми во Република Македонија е забележано зголемување на бројот на превезени патници споредено со истиот период минатата година.
Имено, во овој период од двата аеродроми во Република Македонија – аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, превезени се вкупно 1 021 713 патници, додека во истиот период минатата година биле превезени вкупно 863 716 патници што претставува зголемување на бројот на превезени патници од 18, 3 %.
На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, во периодот од јануари до август 2015 година регистрирани се вкупно 948 998 патници што во споредба со истиот период од минатата година кога биле превезесни 812 426 патници се забележува зголемување од 16, 8 %.
На аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид исто така се забележува зголемување на бројот на патници за периодот јануари-август 2015 година. Имено оваа година превезени се 72 715 патници, додека во истиот период 2014 година биле превезени 51 290 патници.
Врз основа на реализација на сообраќајот, најзастапени дестинации според бројот на патници за периодот јануари-август оваа година се: Истанбул 14.5 %, Цирих 9,1 %, Виена 7.1 %, Малме 5, 9 %, Базел 5.4 % и Лондон со 5.2 %.
Од оваа година се воведоа директни линии за пет нови дестинации до европските градови и тоа: Oд аеродромот Александар Велики во Скопје до Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридихшафен и тоа два пати неделно.
Од аеродормот Св. Апостол Павле од Охрид се воведе директен лет до Базел исто така два пати неделно.
Континуираниот раст на бројот на превезени патници како и бројот на компании кои оперираат на двата аеродроми е директен резултат од Проектот за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај што го реализира Владата на Република Македонија.