Новите правила за означување на храната обврска за операторите со храна од 13-ти ноември

Од 13 ноември операторите на храна ќе треба да се придржуваат до новиот Правилник за информации поврзани со храната, кој Агенцијата за храна и ветеринарство го донесе овој месец и кој целосно е усогласен со одредбите од Законот за безбедност на храната објавен во мај годинава. Правилниког ги дефинира строгите правила за означување на прехранбените производи. Како што истакна на прес конференција М-р Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, со новите правила задолжително ќе треба да биде означено името на производот, нутритивната табела и составот на производот каде ќе мора да бидат наведени сите алергени доколку ги содржи конкретниот производ.

„Минималната големина на буквите треба да биде 1,2 милиметри со цел да бидат видливи за потрошувачите кои ќе се информираат за производот што сакаат да го купат. Производот ќе може да содржи и доброволни информации во кои спаѓаат нутритивните тврдења како што се дали производот има одредени витамини или минерали, а може да бидат наведени и здравствени тврдења“ – рече тој.

Операторите на храна, објасни директорот Поповски, се се запознати со одредбите од овој правилник и изрази надеж дека нема да имаат проблеми со неговата примена.

„Не сакаме да казнуваме. Веруваме дека поради меѓусебната конкуренција, компаниите навреме ќе се подготват и ќе го усогласат работењето со одредбите од Правилникот. Амбалажите на производите кои се призведени пред 13 ноември кога почнува примената на новите правила за информирање на потрошувачите, ќе се продаваат се до рокот кој е означен како рок на употреба на производот “– појасни Поповски.

Сите оператори со храна треба да ги спроведуваат сите работи што се однесуваат на означувањето на храната. Операторите со храна што извезуваат веќе од 13 декември 2014 години ги спроведуваат овие одредби, а сега и операторите за храна кои ќе ги пласираат своите производи на домашниот пазар ќе ги применуваат, рече Попоски.

Доколку операторите со храна не се придржуваат до правилникот, тогаш, како што најави тој, ќе се преземат соодветни мерки. Глобите за непочитување изнесуваат од 1.000 до 10.000 евра во денарска противвредност.

Правилникот стапи на сила на 3 септември и со него се очекува поголема заштита на здравјето на луѓето од опасностите поврзани со храната.

-Правилникот за информации поврзани со храната можете да го преземете овде

-Презентација за новините за информациите поврзани со храната можете да ја преземете овде