На граничниот премин меѓу Македонија и Бугарија – Деве Баир вчера беше отворена сувенирница во рамките на проектот на Владата на Република Македонија со кој е предвидено отворање на 20 сувенирници низ државава. Вакви објекти, освен на Деве Баир, има и на граничните премини Табановце и Богородица.
„Ова е можност туристите кои влегуваат и излегуваат од државава да можат да купат копии од богатото македонско културно наследство и да ги понесат со себе со што ќе ја промовираат државата“ – изјави заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ. Со сувенирницата ќе стопанисува Националната установа Музеј – Куманово.
Според Анита Цветановска, директор на НУ Музеј – Куманово, Македонија е богата со прекрасни фрескоживописи, цркви, манастири, археолошки локалитети и останати знаменитости, а со сувенирниците се остварува една од стратегиските цели на Владата на РМ да се промовира нашето непроценливо културно наследство.
„Сите посетители ќе можат оттука да понесат копии од артефакти ископани од сите локалитети во Македонија, макети од значајни споменици што ги има Македонија и друг промотивен материјал. Се надевам дека на сите што ќе ја посетат Македонија, но и на нашите граѓани, ќе им биде чест да купат и понесат нешто автентично и на тој начин да ја промовираат државата и нашето богато културно наследство “- изјави Цветановска.