Шест нови дигитални мамографи до крајот на годинава ќе бидат испорачани и инсталирани во шест јавни здравствени установи и тоа во Kлиниката по хирушки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, Клиничката болница во Штип и во општите болници во Кавадарци, Куманово, Прилеп и Кочани.
Министерството за здравство ги потпиша договорите за набавка на мамографите, а веќе течат роковите за испорака. Станува збор за апаратура во вредност од околу 40 милиони денари. Со набавката и инсталирањето на мамографите се зголемува бројот на ЈЗУ каде може да се врши ваква дијагностика, ќе се забрза протокот на пациенти, ќе се намали времето на чекање и ќе се помогне во спроведувањето на скринингот.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека првпат се набавува нов дигитален мамограф во хируршката клиника „Св.Наум Охридски“, каде во моментов се врши само ЕХО на дојка, но не и мамографија.
„Во болниците во Кавадарци и Кочани првпат се воведува ваков тип дијагностика, а во штипската, кумановската и прилепската болница вакви апарати имало претходно, но веќе се стари, дотраени и со почести дефекти. Од тој аспект се одлучивме да набавиме да набавиме шест мамографи во овие шест ЈЗУ“, посочи Тодоров.
Со набавка на овие апарати, нагласи министерот, ќе се овозможи скрининг-прегледите да се изведуваат на повеќе локации во државата, поблиску до женската популација, а со тоа ќе има брзо и навремено делување кај оние лица/пациентки кај кои ќе се забележи определена промена во дојката.
„Во рамки на бесплатниот мамографски скрининг за рано откривање карцином на дојка, кој Министерството за здравство почна да го спроведува од 7 април, досега се извршени 2.731 преглед низ целата држава, во 17 јавни здравствени установи. Од извршените прегледи, 2.243 се со уреден наод, без присутни знаци на карцином, додека 488 жени се упатени на понатамошни испитувања врз основа на потреба за додефинирање на детектираната промена“, рече Тодоров.
Појасни дека упатувањето на натамошни испитувања се прави врз основа на упатствата од медицина базирана на докази. Во зависност од наодот, истакна, 460 жени се испратени на ултразвучен преглед, кај 9 жени се направени дополнителни мамографски проекции, кај 12 жени е извршена тенко-иглена (аспирациона) биопсија, додека кор биопсија е извршена кај 5 жени.
„Досега, со извршените испитувања се откриени три случаи на карцином на дојка и пациентките се упатени на хирургија, а во моментот се уште се испитуваат уште неколку пациентки. За споредба, во државите во ЕУ просекот е 1,5 до 2 откриени случаи на 1.000 прегледи. И нашата држава е во рамки на европскиот просек“, потенцира Тодоров.
Укажа дека со мамографскиот скрининг се опфатени жените на возраст од 50 години, кои се асимптоматски (без симптоми на болест) и кои, согласно податоците од системот МојТермин, не направиле мамографска контрола во последните две години.
На овој начин, појасни, ќе бидат опфатени жените од оваа возрасна група кои се заинтересирани за овој вид скрининг (14.000 жени спаѓаат во оваа категорија), а предвидено е во понатамошниот тек на скринингот да се прошири опсегот, односно да се опфати возрасната група од 50-69 години.
Според Тодоров, со набавката на нови дигитални мамографи, а истовремено и реализацијата на овој скрининг кој е една од најзначајните мерки за рано откривање на рак на дојка сериозно придонесуваме на унапредување и заштита на здравјето на женската популација, имајќи предвид дека тоа е најчестото малигно заболување кај жените.
„Министерството за здравство во континуитет е фокусирано на унапредување на условите за лекување на пациентите и примена на најсовремени достигнувања во дијагностиката и третманот на пациентите, како и доближување на услугите поблиску до местото на живеење. Во последните неколку години набавена е нова медицинска опрема, за која се инвестирани над 100 милиони евра“, додаде министерот Тодоров.