На свечена церемонија во Охрид беа доделени наградите и медалите на Јуниорската балканска олимпијада по информатика, врвен настан во програмирање кој претходи на Балканската и Интернационалната олимпијада по информатика. Македонија годинава е домаќин на настанот, кој од 14-ти до 19-ти септември се одржува во Охрид, во организација на Здружението на информатичарите на Македонија.
Јуниорската балканска олимпијада по информатика вклучува ученици на возраст до 15,5 години, а се одржува по деветти пат со учество на членки на Балканската иницијатива: Македонија, Кипар, Романија, Молдавија, Грција, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија, како и Полска и Словенија кои добија специјални покани за учество.
Најдобар учесник на настанот беше ученикот од Полска Јулиус Фам, а најдобар официјален учесник беше Романецот Овидиу Разван Харшан. Освојувач на бронзен медал и најдобар учесник од Македонија беше Марко Чаласан. Наградите ги врачи претставник на Министерството за информатичко општество и администрација.
Секоја земја учествува со тим кој се состои од четири натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
Според претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, д-р Миле Јованов, кој беше и претседавач на Олимпијадата, настанот ја потврдува определбата на Македонија да ја подржува информатиката за да изгради информатичко општество и притоа креаторите на истото да се македонските информатичари.
„Ваквите натпревари кои се за најдобрите натпреварувачи од секоја земја претставуваат и поттик за сите останати ученици да се заинтересираат околу информатиката и програмирањето. Учениците учесници кои ќе постигнат значајни резултати на вакви олимпијади добиваат можност бесплатно да студираат на најпрестижните универзитети во светот“– истакна Јованов, кој воедно упати и голема благодарност до Министерството за информатичко општество и администрација, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од Скопје и Универзитетот за информатички науки и технологии од Охрид, и до останатите спонзори кои ја поддржаа организацијата на настанот: Нордеус, Виста груп, Семос едукација, Нетцетера, Телеком, Мајкрософт и Алкалоид.