Владата размислува за намалување на каматните стапки за земјоделските кредити што се даваат преку Македонската банка за поддршка на развојот, изјави премиерот Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Груевски апелираше до земјоделците кои имаат подготвено добри проекти да ја искористат можноста и да аплицираат за добивање на кредитите.
„Разговаравме за намалување на каматата од три на два проценти што ќе значи уште поповолни кредитни линии за земјоделците. Тоа ќе им помогне на многу земјоделци да може да дојдат до она што им е потребно. Овие кредити се наменети за три работи – за примарно производство, каде повратот е за 18 месеци, потоа за преработувачки капацитети и за откуп во дистрибутивни центри. Средствата се даваат за обртни средства каде повратот е за 18 месеци или за основни средства каде повратот е за пет или повеќе години. Можноста постои, луѓето треба да ја искористат“, истакна премиерот Груевски.
Тој додаде дека од алоцираните 10 милиони евра наменети за земјоделците преку Македонската банка за поддршка на развојот досега се искористени четири милиони.