Азески: Државата да обрне поголемо внимание на успешните македонски компании

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески со своите соработници, денес беше во посета на компаниите „Макстил“, „ГЕИНГ Krebs und Kiеfer“ и „Електроелемент“. На средбите со домаќините се разговараше за актуелните состојби во овие компании, нивните годинешни достигнувања и развој, проблемите со кои се судираат и за можни решенија кои би придонеле за подобри резултати на македонската економија.

Во „Макстил“ разговори беа водени со Минчо Јорданов, претседател на Управниот одбор на „Макстил“, со Иван Бановски, генерален менаџер и Димитар Цветковски, финансиски директор на компанијата.

„Досегашните резултати се помали и од нашите очекувања и тоа се должи на актуелните неповолни состојби во индустријата на челик и вкупно во металургијата, со директна рефлексија на економските состојби на глобален план, намалената побарувачка на европскиот пазар во услови на зголемена конкуренција, како и на движењето на берзанските цени на металите и феролегурите. Само за илустрација, нашето производство е поскапо за 85 евра по тон во односот на капацитетите кои произведуваат челик од руда, за разлика од нас кои сме базирани на старо железо. На европскиот пазар сме судрени со голема конкуренција од Индија, Кина, Кореја, Украина. Токму од тие причини, тешко ќе го оствариме минатогодишното производство, иако такви ни беа плановите“, – истакна Иван Бановски.

Во овие услови „Макстил“, како и останатите компании од секторот се сконцентрирани на намалување на трошоците на работењето, како би опстанале на пазарот до надминување на кризата.

„За македонската металургија, во актуелните услови кога европската економија е послаба од очекувањата и во услови кога прогнозите упатуваат на тоа дека кризата ќе потрае уште најмалку една година, неопходна е одредена системска поддршка, како што е потребата од конкурентна железница, патна инфраструктура, од интервенции во делот на енергетиката, еколошкото усогласување, натамошно поедноставување на административните постапки и процедури“, – подвлече Минчо Јорданов.

„Многу од тие работи се во рацете на државата. Треба да се води посебна, секторска политика и се` да се направи базната индустрија не само да продолжи да работи, туку и да се надградува. Таа е основата за поголем подем на преработувачката индустрија, која е една од гранките во кои се отвораат работни места“. – додаде Јорданов.

Според Бранко Азески, системската поддршка би влијаела на конкурентноста на металуршките производи и би ги надополнила нивните напори за одржување на пазарот. Ова, пред се`, е поради учеството на металургијата со над 10% во БДП, актуелни 20-ина проценти учество во вкупниот национален извоз (во преткризниот период металуршките производи учествуваа со 30% во вкупниот национален извоз), директно вработување на 15.000 работници, како и поради нејзиното особено значење, како базична индустрија, за процесот на реиндустријализација на земјата.

Во „ГЕИНГ“ делегацијата од Стопанската комора на Македонија проследи презентација за дваесет и едно годишното работење на фирмата, при што беше потенцирано дека таа постепено прераснува во една од водечките компании во областа на инженерството во нашата земја. Компанијата поседува голем број лиценци од областа на рударството, архитектурата, проектирањето, надзорот и ревизијата.

„Во „ГЕИНГ“ се води сметка за негување на кадарот и негова надградба. Само во оваа година ќе бидат изработени преку петстотини проекти, кои се наменети за домашниот, но и за странски пазари. Во тековното работење, соработката со странскиот партнер ни дава поголема сигурност, како надополнување во делот на стручноста, но и со финансиска поддршка и гаранција“, – истакна Радомир Карангелески, директор за развој.

Но, во тековното работење беше истакнато дека, како и другите компании во земјата и тие се соочуваат со повеќе проблеми и нивното размислување и барање е насочено кон изнаоѓање решенија за заштита на домашните компании преку можност за учество на тендери кои се однесуваат за домашниот пазар. Државата може да помогне и со вградување на правила во проектите да бидат вклучени домашни компании и тоа во делот на консултантски услуги, производители на материјали и изведувачи.

Беше истакнато дека мора да престојат измени во тендерските услови, каде цената не треба да претставува единствен критериум за добивање на работата, туку да биде квалитетот и референцата на компаниите.

Настапот на странски пазари најчесто е на територијата на поранешните ју-републики, но најчесто не како тим-лидери, туку како подизведувачи, иако 80-90% од работите ги завршуваат тие. За тоа е потребно нивна презентација пред институциите и пред инвеститорите во овие држави, но и пошироко, со цел нивно препознавање како квалитетна компанија. Предложено е, со помош на Комората, да се направат презентации во останатите комори од регионот.

Во оваа насока, потребно е да се презентираат капацитетите на „Геинг“, а пред се`, пред ЕБРД и KFW банка, со цел да се имаат предвид референците на „ГЕИНГ“, кои се потврдени и со завршување на голем број проекти финансирани и од нивна страна. Референците на „ГЕИНГ“ претставуваат и еден од аргументите дека може да биде тим-лидер во менаџирањето на проектите, а не само како подизведувач.

Во „Електроелемент“ беа водени разговори со сопственичката Стојна Јошевска и со Зоран Смуткоски, директор на продажба. Оваа компанија е најголемиот трговец со електроматеријали и таа соработува со преку 300 странски добавувачи од кои се набавуваат преку 50.000 артикли. Компанијата има и застапништво на автомобили.

„Несфатливо е зошто државата дозволи увоз на стари автомобили со што директно влијаеше на загадувањето на животната средина“, – истакна Јошевска.

„Државата би требало да се погрижи да ги изедначи условите на стопанисување на домашните со странските фирми и да ги регулира должничко-доверителските односи, бидејќи се судираме со проблемот на плаќањето“ – додаде таа.

Во сите овие разговори беше потенцирана потребата од зголемување на соработката и единството меѓу компаниите, а како што порача Бранко Азески, државата да обрне поголемо внимание за успешните во македонската економија.