Се зацврстува соработката помеѓу Локалната самоуправа и швајцарската Влада во делот туризмот. Меморандум за соработка помеѓу општина Охрид и швајцарската фондација SWISSCONTACT, денес потпишаа градоначалникот Никола Бакрачески и директорката на програмата „Зголемување на пазарната вработливост“, Розанди Лоу. На чинот на потпишувањето присуствуваше и амбасадорот на Швајцарија во Р. Македонија, Н.Е. Стефано Лазарото.
Според градоначалникот Никола Бакрачески меморандумот за соработка е исклучиво важен документ поврзан со развојот на туризмот и користењето на швајцарските искуства во овој бизнис сектор.
„Крајната визија на ваквата соработка треба да биде целосно искористување на богатите културни и природни ресурси на охридскиот регион како туристичка дестинација, по пат на меѓусебна соработка во процесот на развој и управување со дестинациски менаџмент, привлекување на поголем број на туристи од регионалните и меѓународните пазари и статус на главен туристички центар од каде што туристите ќе се диспезрираат за да ги истражат и другите туристички дестинации во Р. Македонија. Со документот што го потпишавме предвидена е активна соработка на Универзитетот „Св.Климент Охридски“од Битола, односно Факултетот за туризам и угостителство од Охрид со Универзитетот „Сент Гален“ од Швајцарија, во временски период до Април 2019 година и формирање на тело кое ќе ја координира локалната работна група за подготовка на дестинациски менаџмент“ – рече градоначалникот кој подвлече дека со техничка и финансиска помош и консултантски услуги на фондацијата, во координација со Секторот за туризам и локален економски развој за прв пат ќе биде изработена Стратегија за развој на туризмот на Општина Охрид ,како стопанска гранка со огромен потенцијал за развојот на локалната економија и туризмот како базична економска гранка за развој на градот Охрид.
„Заеднички ќе биде изработен безбедносен план за туристичката дестинација, како и оперативни безбедносни планови за сите релевантни институции. Со овој документ се планира и заедничка соработка при спроведување на истражувања за ставовите на туристите од престојот во Охрид, кои ќе бидат основа за континуирани активности за брзо надминување на забелешките. За нас од особено значење е промоцијата на Охрид како атрактивна туристичка дестинација , каде во фокусот ќе бидат приоритетните стратешки целни групи туристи.Во таа насока важно е да се потенцира дека од фондацијата SWISSCONTAC не уверија дека ќе обезбедат контакти за олеснување на пристапот до меѓународните туристички пазари, размена и синхронизирање на напорите за промотивни активности за презентирање на авантуристички,активен,културен, конгресен и други видови алтернативен туризам“- додаде Бакрачески.
Амбасадорот на Швајцарија во Р. Македонија, Стефано Лазарото истакна дека е привилегија да се присуствува на чинот на воспоставување на значајна соработка помеѓу швајцарската Влада и општина Охрид.
„Швајцарската амбасада преку овој меморандум, преку швајцарската Агенција за развој и соработка и агентот за соработка во случајов „SWISSCONTACT“ обезбедува помош за општина Охрид . Оваа поддршка доаѓа како една поширока помош и поддршка што ја обезбедува швајцарската конфедрација кон Република Македонија а конкретната цел е економски развој со посебен акцент на туризмот како битна стопанска гранка.преку оваа соработка Швајцарија и SWISSCONTACT ќе ги обезбедат најмодерните методологии за развој на туризмот. Една од тие методи е дестинациски менаџмент којшто беше изготвен од страна на SWISSCONTACT. Преку овој метод на развој универзитетот во Сент Гален го менува фокусот од центрирањето на производот кон клиентите односно потрошувачите. Програмата „Зголемена пазарна вработливост“ веќе започна со почетните активности во оваа насока. Во текот на летото најголемите швајцарски туроператори за велосипедски туризам го посетија Охрид со главна цел зголемување на бројот на странски туристи кај вас. Заедно со САД исто така ќе финансираме и настан во насока на реализација на авантуристички туризам што ќе се случи во Охрид во 2016 година а очекувањата се дека ќе бидат привлечени над 300 големи туроператори за овој вид туризам во Светот“ – рече амбасадорот Лазарото.
Во рамки на еднодневната посета во Охрид непосредно пред потпишувањето на меморандумот за соработка, амбасадорот Лазарото беше на прием кај градоначалникот Бакрачески при што беше констатирана неколкугодишната добра соработка меѓу општината и швајцарската амбасада со заложба за нејзино продлабочување во иднина во повеќе сегменти од општествениот живот.