Царинската управа информира дека од 15 – 17 септември, во Охрид, се одржа Работилница за мерење на времето за поминување на стоките преку граница.
Работилницата е дел од поширокиот проект за мерење на времето за поминување на стоките преку граница кој Република Македонија планира да го имплементира во следниот период, користејќи ја методологијата на Светската царинска организација (СЦО) позната како Time Release Study (TRS).
Нејзината организација беше поддржана од Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД, a предавачи беа експерти на СЦО – Oluimo da Silva и Shujie Zhang. Во работилницата учествуваа членови на Работната група формирана од страна на Владата на Република Макединија од претставници на Царинската управа, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и деловните асоцијации чии членови се вклучени во прекуграничната трговија и транспортот – Национален совет за претприемништво и конкуренција, Групација на меѓународни шпедитери и логистички оператори МИФА, Асоцијација на превозни трговски друштва МАКАМ-ТРАНС и СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ.
Работилницата беше организирана заради постигнување на следните цели:
– Запознавање на членовите на работната група со основните елементи на методологијата за мерење дизајнирана од страна на СЦО;
– Анализа на процесите и процедурите за поминување на стоките преку граница во Република Македонија од аспект на секоја од вклучените институции и на секој учесник во надворешно-трговските трансакции (увозници, шпедитери, превозници);
– Идентификување на главните параметри за реализација на мерењето;
– Утврдување на основните сегменти и инструменти релевантни за реализација на мерењето;
– Дефинирање на улогата на сите учесници во процесот.
Како резултат од дискусиите и интерактивното работење во текот на работилницата, членовите на Работната група го финализираа и го усвоија Акцискиот план за имплементација на мерењето во кој се дефинирани динамиката на реализација на активностите, царинските испостави во кои ќе се собираат податоците, видот на постапките и стоките на кои ќе се однесува мерењето и начинот на неговата реализација.
Работната група донесе одлука мерењето да се реализира во месец ноември 2015 година во времетраење од 7 (седум) работни дена во следните царински испостави: Табановце, Богородица и Скопје 3. Податоците ќе се собираат врз основа на прашалници посебно дизајнирани за оваа намена. Претходно, во текот на октомври 2015 година, ќе биде реализирано тестно мерење заради иницијална проверка на ефикасноста и ефективноста на планираните активности.
По реализацијата на мерењето ќе биде изработен Финален извештај кој ќе содржи анализа на собраните податоци, презентација на главните резултати и препораки за идни активности и реформи за отстранување на евентуалните идентификувани пречки. Најважните резултати од мерењето на транспарентен начин ќе бидат објавени и презентирани пред деловната заедница и пошироката јавност.