Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод верскиот празник Курбан-бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија.
„Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи,
Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, да Ви го честитам празникот Курбан-бајрам.
Овој празник е познат и како „празник на жртвата”, кој го симболизира приближувањето на човекот кон Бога. Курбан-бајрам го слави Ибрахим и неговата подготвеност да го жртвува својот син, а жртвеното јагне ја претставува покорноста кон Бога. Курбан-бајрам е празник на милоста, но и на споделувањето со фамилијата, пријателите и сиромасите.
Празниците нè учат да не ги заборавиме основните човекови вредности, да простуваме, да имаме разбирање, да веруваме. На тоа нè учи и вековната традиција, помагајќи си едни на други ги јакнеме соживотот и почитта меѓу граѓаните на Република Македонија.
Дозволете, уште еднаш, Вам и на сите верници од исламска вероисповед, да Ви го честитам празникот Курбан-бајрам и да Ви посакам пријатни денови исполнети со среќа, радост и бериќет.“– стои во честитката.