Нови 56 биохемиски анализатори за 54 ЈЗУ

Нови 56 биохемиски анализатори идниот месец ќе бидат испорачани во 54 јавни здравствени установи во државата, меѓу кои се опфатени повеќе општи, специјални болници, клиники, здравствени домови, заводи и институти.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека постапката за јавна набавка на 56 нови биохемиски анализатори е завршена и со нив ќе се овозможи побрзо добивање здравствена услуга, како и подигнување на нивото на квалитет и зголемување на точноста на биохемиските анализи.

Министерството за здравство, посочи, продолжува со докажаната практика на набавка на апарати по принципот на набавка на реагенси, односно со обезбедување на реагенсите јавните здравствени установи ги добиваат апаратите бесплатно.

„Капацитетот на анализаторите изнесува 800 анализи на час комбинирано, односно 400 фотометриски тестови со 400 електролити. Просечно време на изработка на анализите е 8 минути, што е значително побрзо од постојните анализатори. Во ист момент- On board може да се стават 63 реагенси, а по потреба се изработуваат и до 80 примероци“, појасни Тодоров.

Нагласи дека анализаторот користи трајни кварцни реакциски проточни кивети кои се испираат со дејонизирана вода и на овој начин се намалуваат трошоците за потрошен материјал – реакциски кивети. Со новите биохемиски анализатори, посочи министерот, се овозможува заштеда на средства, добивање побрза услуга, како и повисоко ниво на квалитет и точност на биохемиските анализи.

Нови биохемиски анализатори ќе добијат општите болници во Куманово, Гевгелија, Струга, Велес, Прилеп, Кочани, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Дебар, Охрид и Струмица, здравствените домови во Демир Хисар, Гостивар, Радовиш, Струмица, Ростуше, Св.Николе, Берово, Гевгелија, Крушево, Прилеп, Крива Паланка, Железара, Тетово, Штип, Ресен, Пробиштип, Куманово, Кавадарци, Скопје, Охрид, Кратово, Битола, Македонски Брод, Пехчево, Железничар и Велес, психијатриските болници во Скопје, Демир Хисар и Негорци, Завод за нефрологија Струга, Геронтолошки завод Скопје, Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ Скопје, ЈЗУ за кардиоваскуларни заболувања Охрид, Специјална болница ТБЦ Лешок, Специјална болницата Јасеново Велес, Специјална болница за ортопедија „Св.Еразмо“-Охрид, Институт за трансфузиона медицина, Институт за белодробни заболувања кај деца Козле, Завод за физикална медицина и рехабилитација Скопје, Институт за јавно здравје и Завод за рехабилитација Отешево, како и Универзитетската клиника за детска хирургија.

„Во општа болница Кочани, каде досега имаше биохемиски анализатор кој врши 200 анализи на час, со новиот анализатор времето на чекање ќе се скрати за половина, односно пациентите двојно побрзо ќе ги добиваат резултатите од анализите. Во ЗД Македонски Брод досега немаше биохемиски анализатор, така што одредени анализи се вршеа на фотометар, кој може да работи само една проба во еден момент, поради што времето на чекање е значително подолго, а жителите од помалите населени места кои патуваат до Здравствениот дом чекаа цел ден, а некогаш и до наредниот ден за земање крв и добивање резултати од анализата“, рече Тодоров.

Укажа дека во Општата болница Струмица за одредени параметри од анализите се случуваше пациентите да чекаат и до наредниот ден за резултати, а со новите пософистицирани биохемиски анализатори резултатите ќе ги добиваат за еден до два часа. Искуствата од оваа болница, појасни, покажаа дека стариот биохемиски анализатор работи побавно, потрошните материјали се поскапи, бара почести калибрации, а во некои случаи има непостојаност на добиените параметри.

„Во Општата болница Велес постојниот биохемиски анализатор е стар речиси 10 години, врши 200 анализи на час, а со новиот анализатор кој врши 800 анализи на час, значително ќе се скрати времето на чекање за добивање резултати“, рече Тодоров.

Според него, значајно е што јавните здравствени установи не треба да се грижат за сервис, промена на резервни делови и други технички аспекти, бидејќи фирмата која ги обезбедува апаратите, обезбедува и комплетна поддршка во овој дел. Потенцира дека фирмата ќе организира обука на сите здравствени работници од струката, за ракување со новите биохемиски анализатори.

„Со тендерот за набавка на тестови за биохемиски анализатори, во рамки на воспоставената практика на набавка на репроматеријали со добивање апарати без надомест, во 2014 година набавивме 11 нови биохемиски анализатори, наменети за клиниките за детски болести, за хематологија, за онкологија и радиотерапија, Клиничка биохемија, Градската општа болница „8 Септември“, Универзитетската клиника по хирушки болести „Св. Наум Охридски“, како и за клиничките болници во Тетово, Штип и Битола“, додаде Тодоров.