Охридско лето со признание за најдобра манифестација по повод Светскиот ден на туризмот

Фестивалот „Охридско лето“ и оваа година се закити со признание од Министерството за економија за допринос во развојот на туризмот во категоријата- најдобра манифестција.

Директорката на Охридско лето, Елизабета Јанкуловска вели дека традицијата на успешни фестивалски изданија со квалитетни настани и врвни уметници продолжува и во иднина а фактот дека тоа има голема улога во развојот на туризмот е мотив плус да се биде уште подобар и поуспешен со секое наредно фестивалско издание.

Голема е возбудата повторно, веќе по трет пат, да се добие едно вака големо признание но и обврската, да се оправда довербата која ни ја дава Министерството за економија. Охридско лето и според бројот на учесници и посетители и според квалитетот на понудата е навистина главен чинител за збогатување на туристичката понуда“, смета Јанкуловска.

Во истата категорија признанија добија и манифестациите, Звуците на чаршијата – Скопје, Фестивал „Браќа Манаки“ – Битола, Тетовско културно лето и Скопско културно лето.

Во категоријата „Најуспешни хотели во претходната година“, со признанија се закитија Холидеј ин – Скопје, Инекс Горица – Охрид, Аурора Ресорт & Спа – Берово, Буши Ресорт & Спа – Скопје, додека во категоријата „Нова туристичка понуда во делот на хотелиерството“, признанија освоија хотелите Изгрев – Струга, Русија – Скопје, Ибис – Скопје и Мираж – Струга. Од туристичките агенции најсупешни беа Карачи, Фибула ер травел, Вардар Експрес, Ториа и Атлас корпорејшн, сите од Скопје.

Признанијта за најдобро уредена плажа ги добија Општина Дојран, Општина Ресен, Голден Бич -Охрид, хотел Дрим – Струга и Версус од Струга.

Признанија на најдобрите туроператори, им беа врачени на АСА туроператор и ВАС –ТУР, обата од Скопје, а за најуспешните ресторани беа прогласени Воденица – Скопје, Стара Куќа – Скопје (прв Национален ресторан со ознака Меана), Стоби – Градско, Твинс- Скопје и Артени – Гостивар.

Надвор од официјалните категории беа доделени и две признанија за успешно завршена работа, и тоа на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и на Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија.

Во комплексот „Македонско село“ во Нерези на пригодна церемонија денеска на која беше одбележан 27 Септември – Светскиот ден на туризмот, министерот за економија Беким Незири, истакна дека туристичкиот сектор глобално има голема динамика, која бара брзи реакции и одговори на сите предизвици и прашања.

„Во услови на економска криза, која е веќе подолго време присутна во светски рамки, а чии последици се почувствуваа во туризмот во изминатиот период, Владата на Република Македонија донесе неколку добри и сè уште активни мерки кои придонесоа да се намали ризикот од кризата, но и македонскиот туристички производ да се направи поконкурентен на пазарот. Мерките како: субвенционирање на организираниот странски туристички промет, намалувањето на стапката за ДДВ од 18 на 5% во сместувачките услуги, како и засилената промоција на Македонија како туристичка дестинација се покажаа квалитетни за севкупното зголемување на туристичкиот промет во државата“, рече Незири.

Како резултат на сето ова, посочи министерот за економија, имаме континуиран раст на бројот на туристи во Македонија, при што во периодот јануари – јули 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 7.9%, а бројот на ноќевањата е зголемен за 4.8%. „Особено успешен се покажа месец јули, во кој е регистрирано зголемување на вкупниот број туристи за 11.7%, а бројот на ноќевања е зголемен за 8.6%. Притоа, зголемувањето на бројот на странските туристи изнесува дури 16.1%, во однос на јули 2014 година. Сето ова укажува на фактот дека и оваа фискална година ќе оствариме поволен девизен прилив од туризмот и угостителството“, изјави Незири.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија, Кристијан Џамбазовски, рече дека овие показатели се резултат на сè поагресивната кампања од страна на Владата и Агенција за промоција и поддршка на туризмот, како што се активно учество на меѓународни саеми, организирање на информативни патувања на странски туроператори и новинари, презентации во странство, организирање на денови на македонски туризам, како и медиумска кампања, со што Македонија веќе се открива како атрактивна туристичка дестинација.

„Исто така, континуирано се работи на реализација на проектите за поддршка на туристичките продукти, нивно зголемување и осовременување. Доказ дека сите овие активности се во вистинска насока е и статистиката според која во последните 8 години бележиме раст на посетеноста од странски туристи за повеќе од 100%. Доколку се продолжи со овој тренд на зголемување очекувањата се до 2020 година бројот на туристи да биде 1 милион со остварени 3 милиони ноќевања. Бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром е во пораст благодарение на чартер летовите и на 33те директни линии до најзначајните европски дестинации“, истакна Џамбазовски.

Одбележувајќи го овој светски настан, кој се одржува под глобалното мото „Милијарда туристи, милијарда можности“, Министерството за економија, според предлозите направени заедно со туристичките здруженија и комори, извештаите од АППТРМ за доделени субвенции, како и на комисиите кои работат на категоризација на хотели, ресторани и лиценцирање на туристички агенции, и годинава додели признанија за најуспешните туристичко-угостителски субјекти, при што акцентот беше ставен на инкаминг туристичките агенции, хотелиерите, рестораните и туристичките настани, а од оваа година се воведе уште една категорија – најдобро уредена плажа покрај езерата во Република Македонија – имајќи предвид дека и овој сегмент придонесе за подобрување на годинешната туристичка понуда.

2