Премиерот Груевски присуствуваше на основањето на Фондот за образование на Македонија 2025

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и владина делегација, вчера, во Колумбус, Охајо, САД, присуствуваа на гала вечерата на организацијата Македонија 2025, која што беше организирана со цел собирање на средства за воспоставување на Фондот за образование и поддршка на млади таленти кој што е дел од едукативните програми на Македонија 2025.

Фондот за образование и поддршка на млади таленти на Македонија 2025 ќе служи за финансирање на студенти од Република Македонија кои со помош на Македонија 2025 ќе продолжат да студираат на универзитети во САД и Канада.

Премиерот Груевски во своето обраќање најпрво испрати благодарност до основоположниците на Македонија 2025.

„Идејниот креатор Џон Битов Сениор, кој за жал повеќе не е меѓу нас, имаше јасна визија како треба да работи оваа организација за да ги приближи македонските компании кон западните перспективи и вредности за унапредување на деловните практики. Мајк Зафировски во изминатиот период даде значителна поддршка за развој на Македонија 2025, но и за промоција на Македонија заедно со тимот на Владата пред бројни бизнисмени и менаџери од најреномираните американски компании. Нивното и работењето на останатите членови и поддржувачи на организацијата Македонија 2025, е пример како успешните Македонци со своето искуство и знаење може да придонесат Македонија да биде успешна приказна“, истакна премиерот Груевски.

Тој во име на Владата на Република Македонија даде позитивна оценка и поддршка на идејата и функцијата на Фондот.

Денешниот настан кој има за цел да создаде Фонд за образование преку кој ќе им се помага на најдобрите македонски млади таленти својата едукација да ја продолжат на престижните универзитети во САД, уште еднаш ја потврдува заложбата на организацијата Македонија 2025 за унапредување на образованието и знаењето на младите од Македонија, што е од суштинско значење за градење просперитетна нација и држава. Силно ја поздравуваме и поддржуваме оваа иницијатива која се совпаѓа со активностите на Владата на Македонија за унапредување на образованието, претприемништвото и иновативноста како врвен приоритет, истакна премиерот Груевски во своето обраќање.

Додаде дека функцијата на Фондот на Македонија 2025 е комплементарна со владините активности за инвестиции во образованието.

„Буџетот за образование е зголемен на околу 5-6% од БДП, и е на ниво на земјите од ОЕЦД, воведени се Кембриџ наставните програми за математика и природни науки, воведено е изучување на англиски јазик од прво одделение и на втор странски јазик од шесто одделение, обезбеден е компјутер за секое дете во основните и средните училишта, набавени се 80 современи лаборатории и реализирани се голем број на други проекти. Македонија е една од малкуте земји во светот која овозможува целосна стипендија за секој државјанин кој ќе успее да се запише на еден од врвните 100 универзитети во светот, односно 200 универзитети во областа на природните науки“, дополни претседателот на Владата Груевски во обраќањето пред присутните.

На гала вечерата се обратија и членовите на управата на Македонија 2025, Мајк Зафировски, Вера Ставроф, Џон Битов Јуниор и Роберт Арсов, а присуствуваше и 43-тиот претседател на САД, Џорџ Буш.

Членовите на управата на Македонија 2025 изразија задоволство од одржаниот настан, собраните средства и целите кои треба да ги постигне Фондот.

Имавме добар настан, собравме еден милион долари, имавме посетеност од над 450 лица. Сите средства што ги собравме ќе одат за образование, ова ќе ни овозможи најдобрите и најпаметните млади луѓе од Македонија да одат на најдобрите универзитети во САД и Канада. Беше голема чест да ги имаме претседателот Буш и премиерот Груевски на овој настан“, изјави Вера Ставроф, потпретседател на Македонија 2025.

Главното достигнување на овој Фонд е да финансира стипендии и програми за младите Македонци да може да реализираат повисоки образовани цели, да се подготват добро и да се вратат во Македонија и да бидат успешни, да создаваат силна и напредна држава, изјави Џон Битов Јуниор, член на Бордот на Македонија 2025.