Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до ОЈО Скопје, поднесе кривична пријава против лицата: Е.С.(50) и Ј.Д.(57) двете од Скопје, вработени во Стопанската комора на Р.Македонија, поради основано сомение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, Г.К.(56) од Струмица, вработен во Државен инспекторат за земјоделство како фитосанитарен инспектор на ГП Ново Село, поради основано сомение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и Б.Ч.(37) од Богданци, Гевгелија, вработена како прокурист во „Таурус Фармс“ од Богданци, поради основано сомение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „соизвршителство“ во врска со „несовесно работење во службата“.
Пријавените злоупотребувајќи ја службената положба и овластување со пропуштање должен надзор, без да извршат проверка за потекло на стока согласно Царинскиот законик, во периодот од 22.08. до 21.11. минатата година на правното лице „Таурус Фармс“ од Богданци му издале 130 сертификати за потекло на производи од Р.Македонија, а кои фактички не биле по потекло од Р.Македонија, врз основа на кои, пак, е извршен извоз во Руската Федерација, со што му овозможиле на правното лице да се стекне со противправна имотна корист во износ од 17.226.454 денари или 208.104 евра.
Двете пријавени, вработени во Стопанската Комора на Р.Македонија, во чија надлежност покрај другото било и издавање на сертификати за потекло на производите за извоз, со пропуштање на должен надзор, без да извршат проверки за потеклото на стоката, издале вкупно 130 сертификати на правното лице „Таурус Фармс“ од Богданци за извоз на земјоделски производи како истите да се произведени во Р.Македонија, со што на правното лице му овозможило да се стекне со противправна имотна корист. Покрај ова, истите по извршениот извоз од страна на „Таурус Фармс“, откако им бил вратен примерок од сертификатот со прилог фотокопија од извозната фактура и товарниот лист, во Стопанската комора на Р.М, иако биле должни, не провериле дека примачот на стоката е од Руската Федерација и според товарниот лист не соодевствува со купувачот наведен во фактурата („Хофдман Родзант“ од Холандија), пришто правното лице за спроведување на постапката требало да го упатат во Царинската Управа на Р.Македонија. Од вкупно 130-те сертификати издадени на „Таурус Фармс“ во Стопанската Комора на Р.М, биле вратени само 27, од кои 17 биле со фактура за Холандската фирма Хофдман Родзант, а 10 од нив за извршени извози во Руската Федерација. Освен ова дел од вкупно 130-те сертификати, двете пријавени, ги издале бланко со печат на Стопанската Комора и нивен потпис кои на „Таурус Фармс“ му служеле да ги пополнува согласно неговите потреби.
Пријавениот Г.К. како фитосанитарен инспктор, при вршењето на инспекцискиот надзор, со пропуштање на должен надзор, спротивно на член 34 став 2 од Законот за здравјето на растенијата, бил должен да изврши инспекциски надзор за утврдување на потеклото на земјоделските производи кои ги извезувал „Таурус Фармс“, без да изврши инспекциски надзор издал фитосанитарен сертификат за извоз, иако истите не биле со потекло од Р.Македонија, за што согласно истиот чл.34 требало да издаде фитосанитарен сертификат за реекспорт. На тој начин потврдил како истите да се со потекло од Р.Македонија и злоупотребувајќи ја службената положба му овозможил на правното лице „Таурус Фармс“ да се стекне со наведената противправна имотна корист.
Пријавената Б.Ч., вработена како прокурист, со овластување да презема дејствија во внатрешинот и надворешно-трговскиот промет на правното лице „Таурус Фармс“ од Богданци, во наведениот период (од 22.08 до 21.11.2014 година) со цел да оствари противправна имотна корист за истото во вкупен износ од 17.226.454 денари, доставила Изјава до Стопанската Комора на Р.Македонија дека „Таурус Фармс“ врши откуп на овошје и зеленчук во текот на целата година, со прилог Решение за упис во регистарот на откупувачи на земјоделски производи од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, полномошно за лице од „Таурус Фармс“ кое ќе ја потпишува потребната документација во Стопанската Комора, Извод од тековна состојба на сујектот и пријава за депонирани потписи од банкарска сметка. Врз основа на вака остварениот деловен основ истата поднесувала пријави до Државниот инспекторат за земјоделие за добивање фитосанитарен сертификат за извоз на пратки за земјоделски производи, иако знаела дека земјоделските производи за кои бара сертификати не се со потекло од Р.Македонија со што извршила извоз на земјоделски производи во вредност од 48.149.337 денари или 782.916 евра. Во наведениот период „Таурус Фармс“ извршил извоз на земјоделски производи во количина од 1.685.850 килограми, со фактурирана вредност од 345.635 евра, кои откако биле препакувани, биле извезени од Р.Македонија за Руската Федерација во вкупна количина од 1.623.784 килограми во фактурирана вредност од 782.916 евра, лажно декларирани како земјоделски производи од Р.Македонија.