Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување туѓи права“ и „злоупотреба на службената положба и областување“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.К.(40) од Охрид.
Пријавената, на 18.05.2015 година свесно и со умисла склучила 18 лажни договори за фиктивно отуѓување – купопродажба на патнички моторни возила од кои 13 со фирмата „Сузуки 2012“ ДООЕЛ (каде управител е нејзиниот сопруг) три со физичко лице од Ресен и два договори со физички лица од Охрид.
На ваков начин пријавената се обидела да спречи попис и проценката на нејзините подвижните предмети (моторни возила) за да не се спроведе одземање на истите и да се оневозможи исплата на парични средства од нејзината фирма „Супер Моби Дик“ Охрид ДООЕЛ како должник спрема доверителот „Оне телекомуникациски услуги“ ДООЕЛ Скопје. На тој начин пријавената ја оштетила фирмата „Оне телекомуникациски услуги“ ДООЕЛ Скопје со износ од 678.792 денари и други трошоци према други институции. Откако дознала дека извршител доставил барање за добивање на информации кои патнички моторни возила ги поседувал должникот, пријавената извршила фиктивна купопродажба на две патнички моторни возила сопственост на нејзината фирма. Кривичните дела ги направила откако добила информација дека правен застапник од Скопје поднел барање за извршување врз основа на извршна исправа-пресуда од Апелациониот Суд-Битола за наплата на главен долг во износ од 687.792 денари, наплата на адвокатски трошоци во износ од 43.381 денари и наплата на процесни трошоци во износ од 34.489 денари.