Хеликоптери, гарда и над 2000 полицајци во Елбасан

Портпаролот на албанската полиција Генти Мулаји истакна дека фудбалскиот натпревар помеѓу Албанија и Србија кој ќе се игра во Елбасан, ќе го обезбедуваат над 2000 полицајци, меѓу кои и припадници на гардата кои ќе бидат задолжени за истакнатите личности кои ќе го следат натпреварот.

Се очекуваше дека меѓу гледачите ќе биде и српскиот премиер Александар Вучиќ, но по најавата дека албанскиот премиер Еди Рама го поканил косовскиот вицепремиер Хашим Тачи, присуството на Вучиќ веќе не е загарантирано.

Портпаролот Мулаји исто така истакна дека во обезбедувањето ќе бидат ангажирани и три хеликоптери кои ќе внимаваат над стадионот во Елбасан да не се појават дронови, како што беше случај во Белград.

Покрај стадионот во Елбасан, безбедносните мерки се на високо ниво и низ целиот град.

Навивачите нема да можат да внесуваат никакви предмети на стадионот. На секој купен билет ќе стои име и презиме, а покрај билетот секој навивач ќе мора да носи и лична карта. Сите оние чии податоци нема да се поклопуваат нема да можат да влезат на стадионот.

Натпреварот помеѓу Албанија и Србија ќе се игра на 8 октомври во 20:45 часот.