Поднесени кривични пријави од Царинска управа во септември 2015 година

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец септември 2015 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 7 кривични пријави против 7 физички лица и четири правни лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Криумчарење“, „Фалсификување исправа“ и „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.

Криумчарење

Две кривични пријави, до Основното јавно обвинителство во Куманово, се поднесени против две физички лица за сторено кривично дело криумчарење, од кои:

* Една кривична пријава е поднесена против српски државјанин, заради обид за криумчарење на режан тутун и автоделови со вкупна вредност од над 230 илјади денари. Осомничениот, на ден 17.09.2015 година, на граничниот премин Табановце автопат, се пријавил за излез во државата управувајќи товарно моторно возило со српски регистарски таблички, натоварено со гипс картони од фирма извозник од Дебар, наменети за фирма увозник од Република Србија. При контрола на возилото, во просторот наменет за палети биле пронајдени 2 најлонски кеси со 31 килограми режан тутун, додека во кабината на возилото биле пронајдени две кутии со 457 автоделови (гуртни, клинасти и ребрасти ремени, лагери, ламели, грејачи, плочки за кочници, светилки и др). Пријавениот е предаден на судија на претходна постапка во Основен Суд Куманово, каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која пријавениот е огласен за виновен и му е изречена условна осуда казна затвор во траење од 4 месеци, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во рок од 2 години и алтернативна мерка протерување на странец со забрана за влез во Република Македонија од 5 години.

* Една кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, заради обид за нелегално внесување во Република Македонија на репроматеријал за текстилна индустрија со вредност од над 4 милиони денари. Осомничениот, на ден 21.09.2015 година, на граничниот премин Табановце автопат, се пријавил за влез во државата управувајќи товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, натоварено со стока од повеќе испраќачи, наменета за повеќе увозници од Република Македонија. Откако било утврдено несогласување на тежината на измереното возило на терминалската вага со тежината на стоката наведена во документите и тежината на празното возило, била извршена детална контрола, при што во товарниот дел биле пронајдени 80 ролни платно со вкупна маса од околу 2 илјади килограми.

Фалсификување исправа

* Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Велес, е поднесена против македонски државјанин заради обид за приложување на фалсификуван документ при увозно царинење. Осомничениот, на 10.02.2014 година, на царинската испостава Велес, увозно оцаринил употребувано возило за кое приложил договор за купопродажба со изјава за потекло потпишана од странски продавач, како доказ за преференцијално потекло на возилото со цел да биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно увозно царинење со царинска стапка слободно.

Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложениот купопродажен договор, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска администрација на Австрија, со барање за верификација на истиот. Според доставениот одговор, договорот за купопродажба со изјавата без авторизација не е издаден од страна на извозникот, односно извозникот никогаш не го поседувал предметното возило.

Царинската управа утврди дека возилото увезено од осомничениот не ги исполнува условите за преференцијален тарифен третман и изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи осомничениот да ги доплати избегнатите давачки.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

Четири кривични пријави, против четири правни лица и четири физички лица, се поднесени поради обид за увоз на производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.

* Три кривични пријави се поднесени до Основното јавно обвинителство во Велес, од кои:

§ Две кривични пријави се поднесени против две правни лица од Скопје и нивните одговорни лица, македонски државјани, кои во текот на 2014 година, на царинската испостава Гевгелија, со по една царинска декларација, пријавиле за увозно царинење разна стока со потекло од Кина.

При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле, во првиот случај 395 парчиња маски за мобилни телефони, а во вториот случај 432 парчиња пластични часовници, со ознаки на заштитени трговски марки.

§ Една кривична пријава е поднесена против правно лице од Богданци и неговото одговорно лице, македонски државјанин, кои во текот на 2014 година, на царинската испостава Гевгелија, со една царинска декларација, пријавиле за увозно царинење разна стока со потекло од Кина. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле 666 сетови играчки и 144 рамки за слики со ознака на заштитена трговска марка.

*Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство во Струмица, е поднесена против правно лице од Струмица и неговото одговорно лице, македонски државјанин, кои во текот на 2014 година, на царинската испостава Струмица, со една царинска декларација, пријавиле за увозно царинење разна стока со потекло од Кина. При извршениот преглед на стоката, царинските службеници откриле 20 работни мантили за бербери со ознака на заштитена трговска марка.

Во сите четири случаи, постапувајќи по своите законски надлежности, Царинската управа, привремено ја задржала предметната стока, а по добиените потврди од носителите на правата на интелектуална сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите ги повредуваат нивните права од интелектуална сопственост, согласно законските одредби, директорот на Царинската управа на Република Македонија донесе одобрение за уништување на стоката.