Во врска со соопштението од СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ во која стои:
„Ако од СДСМ Охрид сметаат дека граѓаните на Охрид страдаат од амнезија многу згрешиле. Ќе ги потсетиме опозиционерите што значи партизирана администрација и корупциски афери така што ќе зажалат што фрлиле “со свој камен по своја глава”.
Недалеку е периодот во кој во Секторот за ТЛЕР раководеше еден врвен експерт кој за општината по сите критериуми донесе рекордно низок број на проекти со кои директно допринесе за депресивниот развојот на Охрид.
Еден од “многуте” проекти на екс раководителот Симоноски е и проектот Духот на Охрид кој е вистинско сениште од проект.
Во интерес на граѓаните и вистината следат “придобивките” од проектот. Имено, Европската Комисија врз основа на Финалниот ревизорски извештај од реномираната ревизорска куќа Ernst & Young утврдила неоправдани трошоци поврзани со проектот “Духот на Охрид” во вкупен износ од 6.178,00 евра од кои вкупно 5.560,20 евра се неоправдани парични средства покриени преку CARDS и 617,00 евра неоправдани трошоци од делот на сопственото учество (вкупно сопствено учество на проектот со парични средства изнесува 18.059,00 евра).
Секако дека тоа не е се. Како неоправдани се иденетификуваат и следниве трошоци и тоа:
Неоправдана исплата на дневници за патување на проектниот тим во општина Певка со цел “размена на искуства” и “дискусија” за така-наречените активности поврзани со фантомскиот проект. Во однос на овие посети утврдено е дека по основ на дневници се исплатени повеќе парични средства од потребното во вкупен износ од 1.991,68 евра.
Само за појаснување, согласно политиките на ЕУ дневница се плаќа на секој член од делегацијата врз основа на ноќевање надвор од местото каде се реализирал проектот, односно за дводневна посета која се реализира надвор од Охрид, а која вклучува едно ноќевање се плаќа една дневница, а не две како што во овој случај се наградувал раководителот.
Потоа следат и следниве неоправдани трошоци и тоа:
Посета на прекуграничните партнери во вкупен износ од 832,00 евра во период од 06.11.2007 до 07.11.2007 година како и набавката на мебел во вкупен износ од 3.353,96 евра, мебел кој никој до ден денес го нема видено.
Но, не е ни за чудење. Какви раководители поставивте такви проекти донесовте. Ако имате ронка совест спрема луѓето кои сметате дека можете да ги манипулирате тогаш сигурно малку повеќе ќе се информиравте околу проектите на секторот за ТЛЕР и тоа во периодот од април 2013-та па навака само колку за пример па можеби потоа и ќе осознаевте каков бенифит на градот му носат истите. Имено Секторот ТЛЕР од април 2013 до денес има обезбедено финансиски средства во износ од 713.619 евра преку аплицирање пред домашни и меѓународни институции. И тоа е цифра и придобивка пред која можете да застанете со исправена глава, а не срамот, криминалот и финансискиот амбиз кој сеуште го отплаќаат охриѓани, а доаѓа токму од периодот кога вие бевте на власт.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.