Стариот традиционален занает во рацете на младиот и перспективен резбар Даниел Колевски од Охрид

Сведоци сме дека, денеска за жал, многу стари занаети изумираат благодарение на динамиката на денешниот „модерен“ начин на живот и општествените услови. Главно поради овие причини, мнозина од младата популација не е заинтересирана да ги изучува старите традиционални автохтони занаети, а со тоа да ги одржи во живот. Но, за среќа, тоа не е случај со младиот и перспективен резбар Даниел Колевски.

Даниел Колевски е роден на 01.12.1983 година во Охрид, во православно семејство како второ дете. Основно образование завршил во ОУ „Коле Неделковски“ во с. Велгошти (денес ОУ„Живко Чинго“). Своето образование го продолжил во OEМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид. Својата дарба, љубов и способност за уметноста ја открива уште во својата рана возраст, па почнал да ја развива и негува работејќи на неа самостојно и со своите предметни наставници во текот на своето образование.

Младиот мајстор на овој стар занает, присеќавајќи се на своите почетоци, за себе вели:

„Кога би се навратил на моите почетоци моите први обиди започнаа со вајарство поточно моделарство со глина поттикнат од мојата мајка. На една успешно завршена задача на часовите по ликовна уметност од ова поле во мене се раѓа огромна желба за самото вајарство. Но, по една посета на познатата куќа на Робевци во Охрид, фасциниран од изложените прекрасни резбани дела на старите охридски мајстори, во мене во тој момент се пројавија голема љубов и заинтересираност за резбарството. Од тој миг непрекинато во мене расте љубовта кон овој вид творештво. Почнувајќи како самоук, мој предизвик беше изработка на икони во резба, предизвик со кој мислам дека успешно се справив.“.- кажува Даниел.

Почнувајќи со посериозна посветеност кон работата со резбарството во 2002 година, од тој период па навака, постојано работејќи и навлегувајќи во тајните на овој занает, денес овој занает за Даниел, на големо негово задоволство, прераснал во негова професија.

„Резбањето е вложување себеси во парче дрво. Да се твори или создава резбата, како и другите ракоделства што се продукт на дадена уметност, значи творецот безусловно и неповратно да вложува дел од себеси, оживотворувајќи парче дрво, дарувајќи му друга димензија и вистинска вредност.“– вели Даниел.

Даниел ги работи сите стилови на резба, но како што вели, најомилен стил на работа му е т.н. Дебарско-Мијачки стил.

„Најисполнето се чувствувм кога творам за потребите на црковната уметност, инспириран од нејзината неискажлива безвременска духовна димензија.“– нагласува Даниел.

Па така, покрај самостојните дела, овој млад мајстор соработува и со своите колеги од овој уметнички занает. Во есента 2009-та година, на голема жалост, се опожари поголем дел од конаците од Бигорскиот манастир, во кој пожар изгореа и некои уметничко декоративни ентериерни елементи изработени во резба од страна на старите мајстори. Неговото Високопреподобие, многупочитуваниот архимандрит Партениј- игумен на Свештената Бигорска обител, со негов благослов и поддршка, одговорната задача за реконструкција на изгорените таваници и друг ентериер му ја довери на овој млад мајстор.

Освен, професионалното работење со овој занает, Даниел активно се вклучува и во запознавањето на младите со овој уметнички занает, несебично предавајќи ги им ги тајните на истиот.

„Во последниот период минијатурите ми се голема преокупација. Тие особено бараат мир, трпение и огромна посветеност.“- кажува овој млад мајстор, а согледувајќи ја и неговата работа на ова поле од резбарството, слободно може да се рече дека оваа негова преокупација родила голем успешен плод, што го прави успешно уникатен во ова поле на овие наши простори и пошироко. Велиме пошироко, бидејќи поради неговите дела, кои по својот уникатен квалитетен начин на изработка, ги преминаа и меѓународните граници. Така, изминатиот период, Даниел посветено работеше на елементи од иконостас, големи и мали панели со резбани икони и житијни сцени, кои беа нарачка од манастирот Хаматоура кој се наоѓа во северниот дел на Либан. Минатот месец тој престојуваше таму за да ги монтира и доработи истите на самото место, од каде што се врати со уште едно прекрасно искуство плус.

Во иднина, пред овој млад успешен мајстор на својот занает, претстојат уште поголеми предизвици, за кои што вели самиот „Со Божја помош пред сé, се надевам дека успешно ќе се соочам.“

WebOhrid