Ситуацијата со врнежите во Охрид не е критична, но мора будно да се следат случувањата на терен. Благодарение на брзата реакција на надлежните служби, општинските јавни претпријатија и „ Македонија пат“ санирани се најкритичните места и состојбата постојано будно се следи .Ова беше речено на синоќешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување на која присуствуваше и министерот за транспорт и врски Владо Мисајлоски.
Градоначалникот Никола Бакрачески изрази задоволство од начинот на кој реагираше Општинскиот штаб за заштита и спасување овие два дена.
„Штабот веднаш заседаваше и ги дефинираше сите задачи и активности на секоја од инволвираните институции, така што во текот на вчерашниот ден екипи на општинските јавни претпријатија заедно со „Македонија пат“ и две локални приватни компании успеаја да ги санираат свлечиштата, а отстранети се сите препреки на одводните канали, посебно во северниот дел на градот и во централното градско подрачје, каде имаше поптавени домаќинства“, рече Бакрачески, истакнувајќи дека и натаму ќе се координираат активностите како на локално, така и на национално ниво со надлежните институции и министерства за благовремено да се реагира на сите евентуални временски неприлики и во иднина.
Ситуацијата не е критична, беше речено на седницата на Штабот, но состојбата мора будно да се следи, бидејќи се работи за временска непогода што се уште трае. Не може со сигурност да се знае дали ќе има дополнителни врнежи, но потребно е надлежните превентивно да делуваат.
Министерот Мисајловски присуствуваше на вонредната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Охрид во проширен состав, на која се разгледуваа активностите спроведени на терен изминатите два дена и се посочуваа критичните точки и утврдат мерките што ќе бидат спроведени во врска со настанатите поплави предизвикани од поројните дождови што го зафатија регионот.
Мисајловски појасни дека поради поројните дождови има доста проблеми низ повеќе градови низ земјата, но потсети дека на одржаниот состанок во петокот на координативно тело со сите институции, како и пораките што произлегоа од него.
„Беше порачано до сите општини да знаат што ги очекува во наредниот период, така што голем дел од општините благовремено реагираа. Денеска сум тука за да видиме што како Влада можеме да и помогнеме на локалната самоуправа тука, додаде тој, појаснувајќи декана состанокот во Охрид се утврдени сите критични точки во градот и околината.Појавени се три свлечишта на патот Охрид – Свети Наум и тоа кај автокампот „Елешец“, на влезот во Пештани и во центарот на селото, сите се санирани. Санирани се и свлечиштата кај Велгошти и Долно Лакочереј, а на дел од одводните канали веднаш е интервенирано, со нивно поширување и отворање дополнителни пропусти. Договараме и обезбедување дополнителна механизација од Град Скопје и пумпи за вода, како и кипери што ќе бидат вклучени во справувањето со невремето“, истакна министерот Мисајловски.
Министерот потсети дека Владата има обезбедено доволно нафта за потребите на сите општини за чистење на каналите за одвод на вода и ги повика сите локални самоуправи да спроведат јавна набавка за ангажирање механизација, додека оние што имаат јавни претпријатија веднаш да отпочнат со чистење на речните корита и одводните канали.
Невремето проследено со интензивни врнежи од дожд што од вчера попладнето и целата ноќ го зафатија Охрид предизвикаа поплавувања во пониските делови на градот и на оние места што се сметаат критични при вакви услови. Според податоците од Регионалниот центар за управување со кризи, во текот на изминатата ноќ биле пријавени повеќе од 50 случаи на поплавувања на дворови и приземни катови од објекти во градот, а пријави имало и од Пештани каде ситуацијата е сложена при секои пообилни врнежи од дожд.
Најмногу јавувања од граѓани имало од населбите Далјан, Воска, Лескајца, и околните места како Велгошти, при што е интервенирано од екипи на ЈП „Нискоградба“ и „Проаква“ за отстранување на надојдената вода. Претставници на надлежните од Општина Охрид и на Центарот за управување со кризи попладнето ги посетија најзагрозените делови на градот, за да ја увидат состојбата на терен и да се утврдат приоритети во натамошното дејствување за надминување на последиците.