Подготвена е техничка документација за 10 проекти за регионален економски развој за чија реализација се потребни 38 милиони евра. Седум се за промоција и развој на туризмот и ќе бидат основа за проектот за конкурентност на туризмот во регионите што ќе го спроведе Владата со финансии во износ од 21 милион евра.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, квалитетно подготвената документација за новите проекти ќе овозможи за брзо време да се најдат извори на финансирање, преку претпристапната помош од ЕУ, донаторски средства или со комерцијално финансирање.
„Важно е што ова е еден вид подготовка за поголемиот проект којшто го спроведуваме заедно со Европската комисија за потпомагање на конкурентноста во областа на туризмот на регионите низ Македонија за коишто се обезбедени 21 милион евра. Верувам дека многу бргу ќе почне со реализација. Подготовката на проектната документација всушност ќе значи многу поголеми шанси за искористување на овие средства“, рече Пешевски на денешната конференција за поддршка на регионалниот економски развој.
Десетте проекти се дел од вториот циклус од грантовата шема за поддршка за подготовка на проекти што Владата ги реализира во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка во Макеоднија. Осум се регионални, а два меѓурегионални, што, потенцира Пешевски, е прво и иновативно искуство од тој вид во Македонија.
Со меѓурегионалните проекти се подготвуваат технички спецификации за развој на туристичка дестинација и регионален центар, жичарници и ски-лифтови на Осоговските планини, како мапирање атрактивни туристички дестинации и изградба на меѓурегионален авантуристички парк. Подготвена е документација и за изградба на патишта и паркинг место во спортско рекреативниот центар „Пониква“, за развој на винскиот туризам во вардарскиот плански регион, развој на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам, за пешачки и велосипедски патеки по должината на Охридското Езеро и реката Црн Дрим и за поттикнување на алтернативниот туризам во руралните области на Полошкиот регион. Два од 10-те проекти се за заштита на животната средина и просторното уредување, а еден за подобрување на енергетската ефикасност.
Во тек на првиот циклус на програмата помеѓу Владата, планските региони, ГИЗ и владите на Швајцарија и Германија, лани се подготвени 28 инфраструктурни проекти во вредност од 33,3 милиони евра. Веќе се почнати шест проекти во вредност од 13 милиони евра обезбедени од различни извори на финансирање. Тоа, според Пешевски, покажува дека квалитетно изработените проекти брзо наоѓаат извори на финансирање.
Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани оцени дека политиката за рамномерен регионален развој ќе ја покаже оправданоста кога ќе успееме со сопствени капацитети и национално кофинасирање да обезбедиме што повеќе средства од фондовите на ЕУ.
„Во услови на отворени европски фондови главната поента е да бидеме организирани, екипирани, обучени и способни со буџетските средства и квалитетни проекти да добиеме максимум од средствата кои ЕУ ни ги става на располагање“, рече министерот Шабани.
Со предложениот буџет за следната година за регионален развој се предвидени двојно повеќе финансиии споредено со годинава. Во собраниска процедура, информира Шабани, се и законски измени со кои, меѓу другото, треба да се обезбеди поголема самоодржливост во фиансирањето на работата на центрите за рамномерен регионален развој.