На денешната 45 – седница на советот на Општина Охрид, на дневниот ред беа 30 точки, а очекувано советниците најмногу дебатираа за првата и втората точка кои се однесуваа на предлог одлуките за започнување на постапката за доделување на договор за јавно приватно партнерство за изградба на мала марина на локацијата од малото пристаниште и општиот акт за условите и начинот на градење во Лагадин.
По неколку часовна дебата и спротивставени ставови, советот со 14 гласа за и 8 против, ја изгласа одлуката за започнување на постапката за изградба и управување на мала марина од малото пристаниште, а со 13 гласа за и 7 против беше усвоена одлуката за условите и начинот на градење во Лагадин.
Точките од дневниот ред за реновирање и проширување на дневниот центар за деца со аутизам и деца со попреченост, предлог одлуката за донесување на буџетскиот календар, одлуката за утврдување нацрт детален урбанистички план за УЗ 16 дел од УБ 16.1 – КО Велестово, како и одлуките за донесување урбанистичко планска документација за бесправно изградени објекти – поминаа во далеку порелаксирачка дебата и беа едногласно усвоени.