Македонските граѓани јадат безбедна и здрава храна

Македонија произведува здрава храна и нејзината безбедност е на високо ниво, изјави денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство м-р Зоран Поповски на промотивниот настан во Сити Мол по повод Светскиот ден на храната, 16 Октомври. Како што нагласи тој, на високо ниво е и системот за контрола, а имаме и мониторинг програми кои се усогласени со европските.

На безбедноста на храната, според него, многу влијааат и хигиенските навики на потрошувачите.

„Хигиенските навики на потрошувачите треба да се на многу високо ниво и треба да се знае дека сите производи, особено свежото овошје и зеленчук, и покрај тоа што се контролирани, од различни причини при складирањето и транспортот, треба убаво да се измијат пред да се консумираат“, истакна директорот Поповски.

Тој смета дека перцепцијата на граѓаните во однос на прскањето со пестициди не соодветствува со реалноста зашто при контролите не е констатирано какво било надминување на максимално дозволените количини или употреба на какви било недозволени средства за заштита.

Годинава се реализирани околу 6.000 инспекциски контроли од страна на инспекторите за храна при што неусогласеност е најдена кај околу девет тони храна која е одземена и соодветно уништена, што е многу мал процент, потенцира Поповски, додека во делот на храната од животинско потекло, спроведени се 6.500 контроли, а одземени се два тони храна.

Промотивниот настан насловен „Од нива до трпеза, од фарма до вилушка“, го организираше Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со детскиот хор „Златно славејче“ и Организацијата за заштита на потрошувачите (ОПМ).

Како што изјави претседателката на ОПМ Марјана Лончар, потрошувачите бараат подобро одбележување на состојките во храната, особено на шеќерот, мастите и солта.

„Македонската регулатива е усогласена со европската за означување на храната и тоа треба да најде примена, граѓаните да можат да ги видат нутритивните состојки посебно мастите, шеќерот и солта“, рече Лончар.

Во оваа насока, ОПМ веќе изготвува нова веб страница со поддршка на АХВ и Светската организација на потрошувачи, преку која, семафор со црвено, жолто и зелено светло ќе укажува колкаво е присуството на овие состојки во одреден вид производи. Притоа, преку калкулатор граѓаните ќе можат да пресметаат и да дознаат која количина е дозволена во текот на денот и дали земаат повеќе од што треба.

ОПМ апелира и дека мора да се води сметка за прекумерното фрлање храна кое во светски рамки е големо.

„Тоа зависи многу од нас, потрошувачите, од тоа колку купуваме и како ја чуваме храната. За да се намали отпадот, и производителите, наместо да ја фрлаат, може да ја нудат на 50 отсто во големите маркети“, посочи Лончар.

И директорот на Агенцијата Поповски се согласи околу проблемот со фрлањето на храната. Во Македонија, тоа се најчесто производи со изминат рок кои, сепак, во одредени околности може да се искористат за гладното население.

„Кај нас, но и во повеќето европски држави се уште нема статистика за тоа колкава количина храна со поминат рок се фрла,“ информира Поповски, додавајќи дека при инспекциските контроли секогаш се одзема храната која се смета за небезбедна и таа нештетно се отстранува и уништува.

На настанот граѓаните можеа да се информираат за улогата и обврските на Агенцијата за храна и ветеринарство и да научат како да внимаваат при изборот на храната и производите со цел консумирање здрава и безбедна храна. Дечињата, пак, од „Златно славејче“, кои се дел од промоторите на активностите на Агенцијата, делеа едукативни флаери и јаболка како синоним за здрава храна. Поставено беше и ликовно катче во чии рамки децата – посетители ја изразуваа својата креативност на тема здрава храна.

Сите цртежи, како што најави директорот на фестивалот „Златно славејче“ Бобан Јосифовски, ќе бидат дел од галеријата на АХВ и ќе се објават на веб страницата www.fva.gov.mk. За најдобрите три се предвидени награди – бесплатни билети за претстојниот фестивал „Златно Славејче“ во ноември.

Светскиот ден на храната, 16 Октомври, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе го одбележува и како свој Ден што дополнително ја обврзува, нагласи директорот, да работи интензивно на заштита на здравјето на потрошувачите, но и на нивната поголема информираност.

DSC_0784 DSC_0765 DSC_0778