Викендов во Штип се одржа и третиот по ред Куп во гаѓање со воздушно оружје – меѓународна програма.
Стрелачкиот Клуб „Охрид“ настапи со шест свои стрелци, во јуниорска категорија и еден во сениорска, а резултатите се следни:
Најуспешно пласирана јуниорка е младата Мартина Петровска, која за релативно брзо време почна да постигнува солидни резултати, па така таа со резултат од 368 кругови заврши на втората позиција, зад Ана Иваноска од РЕК „Битола“. Веднаш зад неа, нејзината клупска другарка, Ангела Алексовска, се пласира на третата позиција, со еднаков резултат но послаба последна серија. И на третата позиција повторно стрелец од нашиот клуб, Јана Маркоска, која заостана зад нив за само еден круг, а беше подобра од Емилија Пеева, на последна серија при идентичен резултат од 367 кругови.
„Кај јуниорите останува дилема за пласманот. Имено нашиот тренер поднесе Приговор во врска со нерегуларност која е спротивна на пропишаните технички правила и прописи од страна на МССФ. Стрелец од Рек „Битола“ по завршување на неговиот настап и после завршување на две други партии, откако е утврдено дека му недостига цела една серија, судиите му дозволија да испука серија од 10 дијаболи, иако претходно нашиот тренер им посочил дека согласно Правилата натпреварот за стрелецот е завршен и дека стрелецот бил должен да ги провери своите мети пред почетокот на натпреварот и истото да го пријави кај судиите. Во пракса од страна на МССФ досега не е одговорено на ниту еден наш Приговор, па така и сега не очекуваме некаков позитивен одговор. Во принцип федерацијата си продолжува со лошата пракса на грубо кршење на правилата кои сама ги пропишала. Неспорен е фактот дека стрелецот од РЕК „Битола“ е најуспешниот јуниор во моментов во државава, но правилата се правила за сите и мора да се почитуваат.“– информираат од СК „Охрид“.
Оттаму додаваат дека јуниорите Васко Попоски и Мартин Гоџоски постигнале резултати далеку под своите можности, но ако се уважи Приговорот тие ќе бидат второ и третопласирани.
Единствен претставник во сениорска категорија-жени, беше нашиот стрелец Верица Гоџоска, која по подолга пауза се враќа на огнената линија во Куповите, постигнувајќи резултат од 351 круг.
„Уште еден доказ дека работите во федерацијата се катастрофално лоши е и фактот што и на овај натпревар резултатите се оценуваа на цели кругови, а не на децимали согласно новите правила на ИССФ, поради неисправност на апаратот за оценуванње, а кој и по повеќе од половина година не е ставен во функција. Но, ние нема да потклекнеме на неправдите кои ни се нанесуваат веќе подолг период, така да за наредниот Куп кој е за неполн месец во Битола, планираме да ги промовираме и нашите најмлади јуниори-ки, кои веќе започнаа со тренинзи.“- додаваат од Клубот.