Охрид домаќин на меѓународна конференција за демографијата на Балканот „Населението на Балканот на прагот на 21-от век“

Од 21-ви до 24-ти октомври, во хотелот „Метропол“ во Охрид, Република Македонија ќе се одржи Петтата меѓународна конференција за демографијата на Балканот на тема: „Населението на Балканот на прагот на 21-от век“. Конференцијата е во организација на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (www.ek-inst.ukim.edu.mk) и Асоцијацијата DemoBalk (www.demobalk.org).

Конференцијата е посветена на проценка на демографската ситуација на Балканот на почетокот на 21-от век и на главните демографски трендови, како и на нивните потенцијални ефекти на среден и долг рок.

На конференцијата ќе присуствуваат признати истражувачи од областа на демографијата од повеќе земји. Во рамките на петте сесии на конференцијата ќе се дискутира за: Нискиот фертилитет на Балканот и неговите импликации врз порастот на населението и демографското стареење; Морталитетот и здравјето на населението на Балканот; Внатрешните и надворешните миграции на населението во Балканските земји; Стареењето на населението и промената во структурата на семејствата и домаќинствата; Просторната дистрибуција на населението во Балканските земји.

Во рамките на конференцијата е организирана и работилница на тема: Прибирањето на податоци за населението во Балканските земји, искуства од последниот попис на населението во 2010 година: методолошки концепти, прибирање на податоци на терен, споредливост на податоците и методи за дисеминација на податоците за населението. На оваа работилница ќе присуствуваат претставници на заводите за статистика, меѓународни организации и корисници на податоци.

Се очекува оваа конференција да понуди нови сознанија од истражувањата на наведените теми и да даде значаен придонес во расветлување на најзначајните демографски прашања на Балканот во 21-от век.