Околу 150 субјекти за вкупен долг од околу 150 милиони денари досега аплицирале за отпис на камати по основ на неплатени придонеси. Со цел да им помогне на компаниите кои имаат неплатени социјални придонеси, на почетокот на оваа година Владата донесе мерка со која се овозможува плаќање на главниот долг на најмногу 36 рати или три години и ослободување од каматата што ја должат.
„Досега имаат аплицирано околу 150 субјекти за вкупен долг од околу 150 милиони денари. Сите заинтересирани компании, сите заинтересирани субјекти коишто имаат неплатени социјални придонеси и долг по овој основ во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во Фондот за здравствено осигурување или, пак, во Управата за јавни приходи за придонесите после 2008 година може да аплицираат до крајот на годината, да склучат спогодба со овие институции и да го платат само главниот долг на рати и да бидат ослободени од каматата“, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Со оваа мерка, додаде тој, значително се олеснува работењето на компаниите со оглед на значајниот процент кој им се отпишува по основ на неплатен долг односно отпис на каматата.