Претседателот на Комисијата за економија, Драган Тевдовски, денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„Почитувани граѓани,
Нашата цел е да ја победиме нееднаквоста во општеството и да ја вратиме средната класа!
Воведуваме одговорна власт, праведни даноци, извлекуваме од сиромаштија, го поддржуваме развојот на домашните претпријатија, вложуваме во домашни капацитети, застануваме на страната на работниците, отвораме иднина за младите дома.
Ова е патот по којшто тргнавме. Ова е интересот на мнозинството граѓани во Македонија. Ова води кон европска перспектива на Република Македонија и ние таму целиме.
Од денеска го креваме четвртиот столб од Визијата за Македонија: ЕВРОПСКА ИДНИНА И КВАЛИТЕТЕН ЖИВОТ.
Зошто е потребен?
Затоа што, за да се реализира она што го договараме заедно досега, и она што ќе го заокружиме во Програмата, клучна улога имаат институции поставени на здрави темели по европски терк. Клучна улога има стабилен државен систем во којшто граѓаните добиваат квалитетни услуги во здравството, образованието, животната средина, културата, локалната самоуправа:
– Јавно здравство за сите, со безбедни и лесно достапни услуги, наместо граѓаните да плаќаат во приватни болници;
– Јавно образование во коешто учениците, наставниците и родителите, студените, професорите се задоволни и среќни, а не истрауматизирани. Од образовните институции излегуваат стручни кадри и потребни профили на пазарот на работна сила. Ова и тоа како влијае на продуктивноста во економијата во земјава;
– Граѓаните живеат во чиста животна средина, во којашто се почитуваат еколошки стандарди;
– Културата е слободна, не пропагандно средство на луѓето на власт;
– Локалната власт е вистински сервис на граѓаните, првото место каде добиваат подадена рака за помош и поддршка
Сите сакаме да живееме во вакво општество нели? Затоа е потребна нова енергија во евро-атлантските интеграции на Македонија.
Благодарам за вниманието, во продолжение, претседателката на Комисијата за европски прашања, Лидија Димова ќе ја претстави нашата визија за нова енергија во евро-атлантските интеграции на Македонија.“– истакна Тевдовски.