Од 26 до 29 октомври, Европскиот парламент одржува пленарна седница во Стразбур, на која, меѓу другото, ќе се одржи дебата со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во врска со приливот на бегалци од западнобалканската рута, соработката со Турција и разговорите со земјите од Африка.
Во фокусот на разговорите ќе бидат заклучоците од состанокот на Европскиот совет од 15 октомври, вчерашната лидерска средба за рутата на Западен Балкан и претстојниот самит во Валета на 11 и 12 ноември.
Исто така, европратениците заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, ќе дебатираат за растечките тензии меѓу Израелците и Палестинците.
На дневен ред ќе се најдат и новите правила за заштита на резервациите на туристичките аранжмани преку интернет, беспилотните летала, како и ставањето крај на роамингот. Ќе се расправа и за ГМО, за квалитетот на воздухот и клучните загадувачи.
Дел од агендата ќе бидат и реформите на ЕУ изборниот закон и Буџетот на ЕУ за 2016 година, а Еврокомисијата ќе ја презентира својата програма за работа за идната година.