Континуираните заложби на „Алкалоид“ за заштита на животната средина и за енергетски ефикасното работење овој пат беа наградени со престижно признание за „Најдобар регионален проект од областа на одржливата енергија“.
Проектот „Надворешна реконструкција на објект за производство – Фармација“, финансиран од Програмата WeBSEFF (Western Balkans Sustainable Energy Financing Facility), беше награден во категоријата „Енергетска ефикасност при реконструкција на деловни згради“ на свечена церемонија во Загреб.
Оваа програма се реализира во следните држави од регионот: Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија.
Досега во „Алкалоид“ се реализирани четири проекти поврзани со кредитните линии на WeBSEFFI и на WeBSEFF II, и тоа: три проекти на локалитетите во Скопје и еден во Србија.
Првиот проект се однесуваше на пренамена на дел од Фабриката за козметички производи во високорегален магацин. Истовремено со овој капитален проект во 2013 година се реализираше и инвестициска активност во Белград, во Фабриката за лекови.
Согласно со параметрите изработени од консултантите за овие два проекта, вкупната заштеда на енергија беше поголема од 20 отсто, со што значително се надминаа параметрите на ЕБОР (Европската банка за обнова и развој) за оценување на подобноста.
Третиот проект се реализираше минатата година и се однесува на надворешна реконструкција на објектот за производство – Фармација и во овој дел заштедата на енергија се движи околу 37 отсто, додека емисијата на јаглерод диоксид е намалена за цели 30 отсто.
Четвртиот проект е во тек, а се однесува на реконструкција и пренамена на постојни објект во Контрола на квалитет – Фармација.
„Алкалоид“ ја прифати можностa за реализирање на одредени инвестициски проекти преку кредитната линија на ЕБОР и на Европската комисија, наменета за одржлива енергија за земјите од ЈИЕ. Притоа, предложените проекти мора да ги исполнуваат техничките услови во поглед на значително намалување на потрошувачката на енергија или на користење обновливи извори на енергија. Со ваквиот пристап се потврдува квалитетот на изведувањето на новите инвестициски активности во компанијата, како и континуираната грижа за еколошкиот аспект на работењето преку намалување на емисијата на штетни гасови.