Преку проектот „Македонија вработува“ во Република Македонија досега се вработени 7.880 лица, информира министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој додаде дека во Радовиш преку овој проект досега за шест месеци се отворени 150 работни места, а сто компании ги искористиле можностите кои ги нуди проектот „Македонија вработува“.
„Во Струмица имаме 485 постигнати вработувања преку проектот „Македонија вработува“, над 315 компании ги имаат искористено поволностите од проектот. Тоа се над 600 работни места во само овие две општини. На ниво на нашата држава со проектот се вработени 7.880 заклучно со денеска. Од ден на ден се зголемува бројот на постигнати вработувања, бројот на невработени лица коишто стигнале до своето работно место, до можноста за редовна плата, за работно место, за егзистенција преку овој проект „Македонија вработува““, рече Спасов одговарајќи на новинарско прашање во рамки на посетата на Саемот за вработување во Радовиш.
Од друга страна, пак, додаде тој, македонските компании, ако се направи пресметка дека просечно за едно работно место имаат ослободување од плаќање на социјални придонеси за 12 месеци од околу 1.800 евра, досега со овие 7.880 постигнати работни места, на годишно ниво се субвенционирани од држава со околу 14 милиони евра.
„Тоа се 14 милиони евра за отворање нови работни места за само 12 месеци или, пак, за три години колку што и трае минимум ослободувањето од плаќање на придонеси околу 42 милиони евра субвенција од државата за македонските компании“, рече Спасов.
Токму тоа, потенцира министерот за труд и социјална политика, не мотивира да веруваме дека овој проект и понатаму ќе продолжи да дава резултати и дека ќе продолжи од ден на ден да го зголемува бројот на постигнати работни места и директно да влијае во огромна мера на намалување на невработеноста во нашата држава.