Ристовски присуствуваше на обуката за новите наставни програми по претприемништво

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска се обрати на втората обука за претприемачко образование, намената за наставниците во основните и средните училишта кои предаваат предмети од областа на бизнисот, иновациите и претприемништвото, а која беше организирана од Министерството за образование и наука и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.

Во оваа прилика Ристовски истакна дека со новите наставни програми, Република Македонија покрај Велика Британија, Франција, Холандија и Данска, е една од петте наградени земји на Европската конференција за иновации и претприемништво што оваа година се одржа во Џенова, а на која учествуваа 70 земји.

„Тоа е огромно признание за нашата земја и резултат на напорите да бидеме во тренд со современите глобални текови и трендови, од аспект на процесот на едукација во оваа област. Развојот на претприемништвото резултира со зголемување на креативноста, инвентивноста, иновативноста и развој на нови производи и услуги што, пак, иницира зголемување на конкурентноста, креирање структурни промени и создавање нови работни места“, рече Ристовски.

На обуката присуствуваше и професорот Енди Пеналуна од универзитет „Сент Дејвид“ од Велс, ангажиран од Европската комисија за новата рамка за иновации и компетенции. Пеналуна рече дека работеле во 36 држави на развој на овие програми и ги пофали заложбите на Влада на Република Македонија да ги развива новите концепти преку кои децата ќе станат креативни луѓе и ќе го разберат бизнисот.

Академик Таки Фити им порача на наставниците кога предаваат претприемништво да ги комбинираат теоретското знаење и практичните вештини. Тој додаде дека иновацијата и претприемништвото се фактори на развојот кои се најзаслужни за динамизмот во економскиот раст и развој.

Теми од областа на претприемништвото и иновациите се воведени во шест предмети во основното образование, додека во деветто одделение е воведен посебен предмет „Иновации“. Средношколците од прва до трета година учат „Иновации и претприемништво“, а во четврта година се изучува предметот „Бизнис и претприемништво“.