Невработеноста може да се спушти под 22 отсто до крајот на 2017-та и почетокот на 2018 година. Здравите владини политики, како и директната поддршка од Буџетот преку високиот износ на капитални инвестиции, го поставуваат на здрава основа растот на македонската економија и нема ниту една причина да не се верува дека и натаму македонската економија ќе има меѓу највисоките стапки на раст во Европа. Таква е впрочем и проценката на Европската комисија, на Светска банка и на ММФ, како и на македонската Влада.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната собраниска седница, одговорајќи на пратеничко прашање.
Според Ставрески, проценките на македонската Влада се совпаѓаат со оние на меѓународните финансиски институции дека нашата економија со сите реформи е добро позиционирана да оствари високи стапки на раст и натамошно намалување на невработеноста.
„Резултатите во економијата не доаѓаат случајно, туку се производ на многу работа и труд, на многу време посветено на реформите за подобрување на состојбите во секоја област, на создавање добра бизнис клима, на подобрување на инфраструктурата и на квалитетот на образоваинието. Сите овие фактори се релевантни за креирање добри деловни услови и затоа Владата пристапи кон нивно решавање истовремено“, подвлече Ставрески.
Токму резултатите, рече, се и најдобриот одговор на прашањето какво е влијанието на подобрувањето на бизнис условите врз македонската економија.
„Ако условите за водење бизнис не се преточеа во позитивни економски резултати на раст на бруто домашниот производ, на странски и домашни инвестиции и на отворање нови работни места, веројатно одговорот ќе беше дека нешто во целиот амбиент не е како што треба. Но, ако се видат резултатите, се забележува дека тие соодветствуваат на подобрувањето на бизнис климата“, нагласи Ставрески.
Секоја мерка или политика што е преземена во секој сегмент, се она што го следи индексот на „Дуинг бизнис“, конечно, оцени Ставрески, резултира во реални последици на намалување на невработеноста, на нови инвестиции на домашните и на странските фирми, на раст на економијата и на подобрување на општите економски услови во земјата.
„Дали сме стигнати до конечната цел? Човек треба да биде амбициозен, да си поставува високи цели, а нашата е натамошно намалување на невработеноста“, рече министерот за финансии.
Најновиот извештај на Светска банка „Дуинг бизнис“, според него, е извонреден податок за нас, уште една потврда дека Македонија е најдобра во регионот на Југоисточна Европа според условите за водење бизнис, шеста во Европа и 12-та во светот во конкуренција на 189 држави.
Посебно е значајно, потенцира Ставрески, што Македонија бележи напредок во сите индикатори и секоја година е подобра од претходната.
„Буквално секоја година, од 2006 до 2015-та, остварен е континуиран напредок, од 94 место во светот на 12-то, 82 места подобрување што е импозантен прогрес“, забележа вицепрмиерот.
Во периодот од 2006 до 2015 година Македонија има просечна стапка на раст која е меѓу петте најдобри во Европа. Само од 2009 до 2015 е остварена просечна стапка на раст од 2,8 проценти, а пред тоа, во 2007 и 2008-ма беше околу шест проценти. – И во периодот кога имаше добри економски услови во светот, македонската економија оствари многу повиоки стапки на раст, близу шест отсто, а во периодот на криза околу три проценти што е одлично ако се има предвид дека соседните и европските земји тогаш економски не растеа воопшто. Тоа е резултат на подобрувањето на условите за водење бизнис и за домашните и за странските фирми, посочи вицепремиерот.
Потсетувајќи дека, согласно Извештајот, дури 24 земји од Европа се зад Македонија меѓу кои Германија, Естонија, Ирска, Литванија, Австрија, Полска, Портулајија, Франција, Словенија, Словачка, Шпанија,…, односно подобро рангирани се само пет – Данска, Британија, Шведска, Норвешка и Финска, ова сепак, како што рече, не треба да се интерпертира дека македонската економија е посилна од овие економии, туку дека македонската економија има подобри услови за водење бизнис, нови инвестиции и нови работни места.
„Дуинг бизнис“, потсети Ставрески, е еден од индексите кои имаат најголемо реноме и најчесто е следен од инвеститорите зашто вистински ја отсликува ситуацијата на терен преку анализа на десет индикатори значајни за водење бизнис – основање фирма, плаќање даноци и висина на даночни стапки, заштита на акционерските права, добивање градежни дозволи, функционирање на системот за спроведување доогори, гранична соработка, услови за увоз и извоз, ефикасност на стечајни постапки, пристап до електрична енергија.
„Македонија по петти или шести пат е прогласена за лидер според реформите и најдобар реформатор во регионот“, додаде министерот.
Често во јавноста се создава вештачка дилема дека некои политики и реформи се насочени кон странски инвеститори, но тоа, рече Ставрески, е лажна дилема. – Нашите политики и реформи се еднакво насочени и кон странските и кон домашните инвститори. Ние сме должни да создадеме подобри услови и за едните и за другите зашто сите создаваат работни места, произведуваат и извезуваат, потенцира Ставрески.
Во овој контекст, според него, е важно дека се остана на политиката на ниски трошоци. Македонија им нуди на фирмите најниски даноци во Европа и меѓу најниските во светот, пристап до свежи финансиски средства, преку 350 милиони евра како субвенционирани кредитни средства и стотиции милиони евра годишно преку ниските даноци, односно ослободувањето од данокот на профит на реинвестираната добивка.
„Се тоа заврши кај македонските фирми и овозможи во периодот на криза да опстојат, да инвестираат и да остварат позитивни резултати“, истакна Стварески, додавајќи дека и странските фирми исто така ги уживаат овие бенефиции, како и другите поволни услови, ниските административни трошоци, добрата инфраструктура и подобрувањето на квалитетот на работната сила, а сетоа тоа се мери преку резултатите на пазарот на труд, односно стапката на невработеност.
„Тука резултатите се исклучително добри. Македонија има стапка на невработеност од 26,8 проценти што е историски гледано, најниско ниво откако се мери стапката, од 1997 година, и е за цели 12 процентни поени пониско отколку во 2005/2006 година кога почнавме со реализација на политиките. Тоа значи дека се креирани 135.000 нови работни места во овие девет години, подобрена е состојбата на 135.000 граѓани или семејства што е диреткно резултат на владините политики и мерки“, укажа вицепремиерот.
Владата, заклучи Ставрески во одговорот на пратеничкото прашање, систематски ги анализира состојбите во Македонија и во најдобрите десет до 15 земји во светот, следи што може да се направи тука од тоа што тие го сториле, се консултира со бизнис заедницата за нови идеи и секоја година нуди нови предлози и реформи.