Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска во рамки на работната посета на Охрид заедно со градоначалникот Никола Бакрачески го посетија целосно реконструираниот Центар за социјална работа, зафат вреден околу 5,3 милиони денари.
„Ова е 11-тиот центар за социјални работи што целосно е реконструиран и опремен со сосема нова опрема со што во значајна мера се подобруваат, како условите за работа на стручните служби, така и условите за прием на барањата на граѓаните за остварувањето на нивните права од делот на социјална и детска грижа“, истакна Спасов.
Тој појасни дека отпочната е третата фаза од проектот за целосно реновирање на центрите за социјална работа во земјата, во чии рамки ќе се реновираат 18 центри и 12 дневни центри за деца со прeчки во развојот. Средствата во износ околу 50 милиони денари за првите две фази се обезбедени преку Светска банка, додека пак 72 милиони денари средства за реализација на третата фаза се обезбедени преку ИПА програмата на Европската унија.
Спасов во рамки на посетата на Охрид ги посети и дневните центри за деца со пречки во равојот и за децата со аутизам, каде во тек се градежни активности за нивна целосна реконструкција.
„Станува збор за нов проект, заедничка инвестиција на Министерството и Општина Охрид, каде ќе се реновирааат двата дневни центри. После завршувањето на реконструкцијата, заедно со локалната самоуправа ќе обезбедиме како опрема, така и потребен кадар што ќе работи со децата, а ќе ги покриеме и трошоците за одржување на двата дневни центри“, истакна министерот Спасов.
Тој забележа дека можеби овие зафати навидум изгледаат мали проекти, но, како што потенцира, битни, како за децата со попреченост, така и за нивните родители оттаму што значително ќе се подобрат условите за нивен живот и секојдневни активности.
Градоначалникот Бакрачески од своја страна истакна дека со уредувањето на овие простории со вкупна површина од 210 метри, во Охрид се создаваат услови за непречено функционирање на центрите за сите категории граѓани со пречки во развојот и граѓани со посебни потреби.
За постојана работа со лицата и децата со посебни потреби во Охрид ќе бидат ангажирани шест лица, за чиј ангажман средствата ќе ги обезбедат заеднички и Општината и Минситерството за труд и социјална политика.