Потпишан Договорот за грант за донација од Банката за развој на Советот на Европа за подобрување на условите во Прифатниот центар за баратели на азил

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и заменик генералниот директор за заеми и социјален развој при Банката за развој на Советот на Европа Стефан Селен потпишаа Договорот за грант за донација од страна на Банката за развој на Советот на Европа. Со овој Договор, односно со донираните средства ќе се придонесе во подобрување на условите во Прифатниот центар за баратели на азил којшто е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика и каде што се сместуваат барателите на азил.

„Изминитиот период низ нашата земја транзитираа голем број на мигранти од земјите на Блискиот Исток при што дел од нив побаруваат и азил во нашата земја. Притоа формирани се и два транзитни центри во Гевгелија и Табановце каде што Министерството за труд и социјална политика има обврска во менаџирањето на хуманитарните активности како дотур на храна, облека и сето она што е потребно.

Со овој грант ќе се овозможи поддршка на напорите на нашето Министерство, како и покривање на тековните трошоци, пунктовите за регистрација и прифат на двата гранични премини, подобрување на инфраструктурата во овие пунктови, за што уште јавно изразувам благодарност до Банката за равој при Советот на Европа”, потенцираше министерот Спасов при потпишувањето на Договорот.

Задоволство од поддршката што ќе ја добие Република Македонија преку потпишувањето на овој Договорот за грант за донација од Банката за развој на Советот на Европа за подобрување на условите во Прифатниот центар за баратели на азил изрази и заменик генералниот директор за заеми и социјален развој при Банката за развој на Советот на Европа Стефан Селен кој потенцираше дека на овој начин ќе се подобрат квалитетот на престој и условите во Прифатниот центар.