Царинска управа на Република Македонија во континуитет спроведува бројни реформи и проекти за подобрување на деловната клима. Светска Банка, преку извештајот Doing Business, прави компаративна анализа и рангирање на условите за водење бизнис во 189 земји во светот. Рангирањето на листата на Doing Business се врши според повеќе критериуми кои се однесуваат сите сегменти на водењето на бизнис, помеѓу кои и Услови за прекугранично тргување (TradingAcrossBorders).
Во периодот 2007 – 2016 година, Република Македонија остварува континуиран прогрес во рангирањето кај индикаторот Услови за прекугранично тргување (Trading Across Borders). Според Извештајот Doing Business во 2007 година Република Македонија беше рангирана на 127 место, а според најновиот извештај кој се однесува за 2016 година Република Македонија е рангирана на високото 26 место помеѓу 189 земји во светот кои се опфатени во извештајот.
Рангирањето во извештајот се врши врз основа на методологија која покрај статистички податоци, обработува и податоци добиени од компаниите, преку кои се одредуваат времето и трошоците кои бизнисите ги имаат при увозот и извозот на одредени производи, со вклучен домашен транспорт. Методологијата се прилагодува согласно промените во меѓународната трговија, врз основа на проценките на Светска банка.
Царинската управа редовно ги следи препораките дадени во извештајот, и превзема активности за подобрување на бизнис климата во Република Македонија. Реформите се спроведуваат во соработка со бизнис заедницата со цел да се постигне олеснување и забрзување на царинските постапки согласно потребите на компаниите. Ваквата соработка, води кон континуираното подобрување условите за водење бизнис, а со тоа и на рејтингот во извештајот. Царинска управа, како клучна институција за имплементација на активностите поврзани со олеснувањето и забрзувањето на трговијата, во изминатиот период ги спроведе, меѓу другото, и следниве позначајните проекти и мерки:
– Воведување и перманентен раст на учеството на поедноставените постапки во вкупните царински постапки;
– Спроведување на увозно и извозно царинење на граничните премини;
– Укинување на надоместок за царинските терминали со кои стопанисува Царинската управа;
– Воведување и перманентно унапредување на Едношалтерски систем за увозни, извозни и транзитни дозволи и тарифни квоти – EXIM;
– Пристапување кон Конвенцијата за заедничка транзитна постапка и воспоставување на Нов компјутеризиран транзитен систем;
– Воведување на Интегрирана тарифна околина;
– Донесување на Закон за застапување во царинските постапки.
Со ова уште еднаш се потврдува дека сите проекти, мерки и активности кои во изминатиот период се преземени од страна на Царинска управа на планот на олеснување и забрзување на трговијата добиваат верификација и поддршка и од клучните меѓународни асоцијации, како што е и Светската Банка.
Со воведување на нов систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, воведување на концептот на заеднички гранични контроли со соседните земји, како и со надградба на објектите за царинење и контрола на граничен премин Табановце Автопат и на граничниот премин Ќафасан, се очекува дополнителен прогрес во наредниот период.
Царинската управа останува и понатаму посветена во напорите за изнаоѓање на конкретни решенија за олеснување и забрзување на трговијата.