Фондот за здравствено осигурување на Македонија по барање на здружението на лица со стома – Илкома, а по повод меѓународниот ден на лицата со стома 03.10.2015, донесе одлука која ќе значи олеснување за над 1900 осигуреници со колостома, илеостома и уростома, кои од 01.12.2015 година ќе можат да подигнат количини за три месеци во ортопедските куќи. Станува збор за пациенти кои се заболени од најтешки и малигни заболувања и поради здравствената состојба имаат вештачки отвори – стоми. Поради оваа здравствена состојба мораат секојдневно да користат ортопедски помагала – кеси, кои заменуваат определена телесна функција. Без овие кеси, пациентите не се во можност нормално да функционираат во секојдневниот живот.
Во пракса ова значи дека овие пациенти, со едно одење на матичен лекар, ќе можат да земат потврда и да си подигнат количини за три мессеци.
Ова олеснување е особено важно за осигурениците кои живеат во помали места и мораат секој месец да одат до друг град да ја подигнат потребната количина на кеси за стома. На овој начин Фондот им излегува пресрет на оваа ранлива категорија на граѓани, најчесто заболени од малигна болест. Оваа новина ќе биде олеснување за над 1900 лица, за кои Фондот одвојува околу 65 милиони денари годишно за кеси за стома. Со оваа измена се надеваме дека оваа група на осигуреници материјално и психолошки ќе биде растеретена и ќе можат без грижи да ги обавуваат секојдневните обврски.
Фондот за здравствено осигурување овозможува остварување на право за ортопедски помагала за кои годишно одвојува значителен износ на финансиски средства. Ортопедските помагала имаат за цел да надоместат определен дел од телото или да извршат корекција на вродени или стекнати деформитети и допонително имаат за цел да го олеснат секојдневното функционирање на осигуреникот, а воедно се класифицираат и како медицинско санитетски помагала без кои осигуреникот не може нормално да живее.
Колку за илустрација, Фондот за своите осигуреници обезбедува 355 типови ортопедски и други помагала т.е. 1373 помагала од различни производители. Фондот има склучено договор со 29 ортопедски куќи на територија на Македонија, кои имаат мрежа од 107 специјализирани продавници. Финансиските средства кои Фондот ги има предвидено за ортопедски помагала во 2015 година се 550 милиони денари. Во 2014 година година Фондот издвоил 505 милиони денари, во 2013 година издвоил 465 милиони денари, во 2012 година 400 милиони денари а за 2011 година 380 милиони денари.
Фондот за здравствено осигурување на Македонија и понатаму останува доследен на своите заложби да обезбеди што поквалитетни здравствени услуги за своите осигуреници.