Викендов во малата сала од СЦ „Борис Трајковски“ свечено беше отворен 6-от меѓународен турнир во џудо „Миоки опен“, во организација на Џудо клубот „Миоки“ од Скопје, а по повод Меѓународниот ден на џудото. На натпреварот учество зедоа џудисти во три старосни категории во вкупно 50 тежински категории. Покрај екипите од Македонија, учество зедоа 37 клубови и 402 натпреварувачи, како и екипи од 12 балкански држави: Бугарија, Грција, Турција, Русија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Македонија.
Турнирот го прогласи за отворен директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, кој го искажа задоволството што Градот Скопје и Република Македонија се наметнуваат на европската спортска мапа како одлични организатори и домаќини на реномирани меѓународни спортски натпреварувања.
„Особено ме радува фактот што на овој турнир учество зедоа и 6 македонски екипи со околу 70 натпреварувачи, што зборува дека овој спорт во нашата земја високо котира и е практикуван од многу млади луѓе низ целата држава“. – изјави директорот Спасески.
На почетокот на настанот беше доделена награда и на најдобрата македонска џудистка во младинска категорија, Берна Шерифовска, која воедно е и носител на стипендијата „Спортска надеж“ која ја доделува Агенцијата за млади и спорт. Берна Шерифовска доби пехар и парична награда за најуспешен џудист од Mакедонија за 2015.
Во сениорска конкуренција за најуспешен клуб на 6. Меѓународен џудо турнир „Миоки опен“ беше прогласен ЏК Локомотив од Софија, додека пак кај сениорките домаќинот ЏК Миоки. Пехар за најуспешна домашна екипа доби ЏК Миоки. За најуспешна странска екипа беше прогласена екипата на Баликешир од Турција.
Покрај најдобрите клубови во сениорска конкуренција и во другите возрасни категории беа прогласени најуспешните. Така, за најуспешен клуб кај пионерите и пионерките е прогласен ЏК Пролетер од Прилеп, а кај кадетите ЏК Баликешир од Турција. Кај кадетките најуспешен клуб беше Анкара од Турција.
„Импресивни борби прикажаа Хамза Јашари со освоено злато кај пионерите и сребро, односно бронза кај кадетите и сениорите, како и Берна Шерифовска со злато кај кадетките и сребро кај сениорките“, – вели организаторот на турнирот Игор Паскоски од Миоки.
Севкупен победник на натпреварот по број на освоени бодови е прогласена екипата на домаќинот Миоки со освоени вкупно 7 златни, 9 сребрени и 13 бронзени медали.