Нови 37 апарати се ставени во функција, а уште еден деновиве треба да биде доставен во ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација. Вредноста на новата опрема е околу 4,5 милиони денари. Со набавката на опремата значително се унапредуваат условите за пациентите кои имаат потреба од рехабилитација или физикални вежби.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети Заводот за физикална медицина и рехабилитација каде се сретна со менаџментот и здравствените работници во таа јавна здравствена установа.
„Со набавката на овие 37 апарати во оваа здравствена установа се постигнува солидно ниво на покриеност со опрема за изведување на секојдневните активности и давање здравствените услуги. Станува збор за поголем број помали апарати кои се од големо значење за давање на услугите на пациентите кои се на рехабилитација. Со набавката во голема мерка се покри потребата за апарати во оваа здравствена установа“, изјави Тодоров.
Посочи дека на средбата со директорката на ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација, Нада Тагасовска разговарале и за останатите предизвици со кои се соочуваат во работењето од аспект на кадар и здравствена инфраструктура. Од аспект на кадар, истакна, одобрени и реализирани беа 10 согласности за нови вработувања, осум се реализирани, а за две на огласот не се пријави ниту еден кандидат, и тој повторно ќе биде објавен.
„Беа преземени доктори специјалисти од приватно во јавно здравство, со тоа во оваа здравствена установа имаме 14 специјалисти од кои 13 специјалисти за физикална рехабилитација и еден по интерна медицина. Од аспект на здравствената инфраструктура има определени инвестиции направени со средства од здравствената установа, но сепак треба да се направат поголеми инвестиции особено во делот на стационарот, кој е изграден уште во 1963 година“, рече Тодоров.
Додаде дека од тој аспект, Министерството за здравство и Заводот веќе работат на изработка на проектна програма по што ќе се направат проценки на состојбата и на финансиските средства кои треба да бидат инвестирани, за потоа да се отпочне постапка за изработка на проект за реконструкција на објектот.
Директорката на ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација, Нада Тагасовска рече дека станува збор за големо вложување во нови апарати, кое многу години претходно не било реализирано.
„Се работи за два дијагностички апарати, а останатите се апарати кои ги користиме за електротерапија. Ги повлековме старите апарати бидејќи со тек на време тие губат од својата функција и делување“, додаде Тагасовска.